Бројот на заразени и на починати се зголемува, нови мерки засега нема

Комисијата за заразни болести до понеделник не препорачува нови мерки за заштита од коронавирусот, кој беснее во земјава. До понеделник, кога ќе се одлучува за идните мерки, на сила останува полицискиот час од 22 навечер до 5 часот наутро.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека земјата се наоѓа во третиот бран на епидемијата и пет недели по ред има раст на бројот на активните случаи.
– Има 11.889 активни случаи. Има 1.100 пополнети болнички кревети, што значи дека притисокот во Скопје е голем. Во таа смисла правевме систем на менаџирање, координација со сите директори во Скопје и со директорите од останатите болници во државата за да се прилагодат капацитетите и нови болнички места. Сите интерни клиники се ковид центри. Се отвори одделение на хируршките клиники што не беше случај со претходниот бран. Сега сите ковид-центри се во функција – рече Филипче.
Анализите, додаде тој, покажуваат дека во Валандово, Крушево, Кавадарци и во Прилеп има значаен број хоспитализирани и има зголемување на бројот на заразени во Скопје, Гостивар и во Велес. Досега се вакцинирани 5.300 здравствени работници во земјава. Филипче со резерва рече дека до крајот на месецов се очекуваат вакцините од КОВАКС-механизмот. Во тој временски период интензивно ќе се разговара со кинеските и со руските претставници за вакцините. Нема точен датум, нагласи министерот, но верувањето е дека до првата недела на април во земјава ќе пристигнат вакцини.


Тој истакна дека земјава ќе ги следи препораките на Европската медицинска агенција ЕМА, за тоа какви ефекти има вакцината на „Астра-Зенека“ и сите други вакцини.
– Јас лично немам проблем да се вакцинирам со вакцината на „Астра-Зенека“. Сите експерти ги следат несаканите ефекти и препораките на ЕМА и на производителот. Сите вакцини во нашата земја ќе се безбедни. „Фајзер“ го подига нивото на внимателност и сите следни договори ќе бидат со построги критериуми за безбедноста, информираше Филипче.
Претседателот на Комисијата за заразни болести доктор Жарко Караџовски рече дека има 116 случаи на граѓани што вторпат се инфицирале со коронавирусот што е само 0,01 процент.
– Дваесет институции имаат одобрение за дијагностика со ПЦР тестови и сите овие резултати со реинфекција се должат на непочитување на мерките или, пак, лицата мислеле дека не можат да се заразат зашто претходно биле заразени. Овој британски сој е 70 проценти позаразен, а неговото ширење е верифицирано во земјава. Никому не можеме да му кажеме дека ако прележал инфекција не може да се инфицира пак со нов сој – истакна доктор Караџовски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.