Министерството за надворешни работи на Венецуела негираше во четвртокот дека претседателот Уго Чавез е исклучен од системот за поддршка на виталните функции
Министерството за надворешни работи на Венецуела ја негира изјавата на поранешниот амбасадор на Панама во Организацијата на американските држави дека претседателот Уго Чавез пред два месеца доживеал мозочна смрт (клиничка смрт), како и дека деновиве бил исклучен од апаратот за вештачко дишење, пренесува телевизијата CNN Chile.
Во средата по локално време, поранешниот амбасадор на Панама во Организацијата на американските држави, Гиљермо Кочес изјави дека поседува доверливи информации, според кои претседателот на Венецуела Уго Чавез на 30-ти декември доживеал клиничка смрт. Според него, минатата недела, Чавез бил пренесен од Хавана каде што два месеци закрепуваше од четвртата онколошка хируршка интервенција, бидејќи кубанските власти не сакале да го исклучат од апаратурата којашто вештачки го одржувала во живот. Кочес, исто така, за колумбиската сателитска телевизија NTN24 ноќта кон четвртокот изјави дека „Претседателот, најверојатно, е исклучен од апаратите за одржување во живот, пред четири дена”, изјави панамскиот дипломат.
Според него, можено е објавување на нови претседателски избори во Венецуела „денес или утре”. Притоа тој беше толку убеден во своите зборови, што всушност ги предизвикуваше венецуелските власти, предлагајќи им да се обидат да ја демантираат оваа информација.
„Јас ѝ предлагам на владата на Венецуела да докаже дека лажам, едноставно прикажувајќи го Чавез”, нагласи Кочес.
Според CNN Chile, претставници на министерството за надворешни работи на Венецуела, изјавиле дека „таа верзија не соодветствува со реалноста”, а во моментов на претседателот на Венецуела му се укажува целосниот неопходен третман.
Се огласи и потпретседателот на Венецуела и воедно министер за надворешни работи, Николас Мадуро, кој ги демантираше информациите дека претседателот Уго Чавез практично е починат.
Овој поранешен возач на автобус, кого го сметаат за најверојатен наследник на Чавез, пред неколку дена тврдеше дека претседателот ја води Венецуела од болничкиот кревет и дека покрај проблемите со дишењето, може да издава наредби и да комуницира.
„Има тим луѓе кои апсолутно му се подредени и тој им издава наредби”, рече Мадуро.
На почетокот од седмицата Мадуро за локалните медиуми изјави во фоајето на воената болница во Каракас каде што е хоспитрализиран Чавез, дека венецуелскиот претседател одржал петчасовен состанок со своите соработници со кои комуницирал пишувајќи им пораки со насоки за нивно дејствување.
Чавез два месеца беше подложен на медицински третман на Куба по операцијата од рак, и за тоа време на телевизијата немаше ниедна снимка од неговото опоравување. Минатата седмица ненадејно со повеќечасовен лет тој беше префрлен во воената болница во Каракас од кубанската престолнина Хавана, а венецуелската влада објави фотографии направени во неговата болничка соба на коишто Чавез е прикажан со неговите две ќерки, за што Кочес рече дека станува збор за фотомонтажа.
Макфакс
Министерството за надворешни работи на Венецуела негираше во четвртокот дека претседателот Уго