Ветувавте транспарентност, а вашите избраници во Битола имаат желба да ги уништат сите средства за информирање, со цел вистината да не излезе на виделина.

Објавувмаме нецензурирано отворено писмо на Габриела Илиевска

Почитуван г-не Заев,

Денес ќе бидете гостин во Битола. Во онаа иста Битола во која актуелната градоначалничка од вашата партија, на локалните избори доби незапаметен број на гласови. Во онаа Битола, која според бројот на заболени од рак е втора во Европа. Во онаа Битола каде 27 години никој камче не поместил. Во онаа Битола каде има толку многу желба за живот, а од животот нема трага.
Денес доаѓате како гостин и како човек кој ќе ги промовира европските вредности. Како лидер на партија кој на битолчани сака да им ги објасни придобивките од членството во заедницата на европските народи. Како премиер кој на граѓаните сака да им зборува за подобар живот.
Нема да дојдам да ве слушам, затоа и ви се обраќам на овој начин.А нема да дојдам заради неколку причини. Ветувавте еднакво општество за сите, а денес во Битола има живот само за партиските функционери на СДСМ.
Ветувавте транспарентност, а вашите избраници во Битола имаат желба да ги уништат сите средства за информирање, со цел вистината да не излезе на виделина. Ветувавте демократија, а денес секој кој во Битола ќе каже личен став, вашите избраници го осудуваат на јавен “линч“. Ветувавте слобода на мислата и зборот, а вашите битолски избраници секојдневно се закануваат на јавни настапи.Ова не ви го пишувам од страв, туку од принцип и став.
На истиот овој начин сум зборувала и сум се борела и против режимот. Исто, ако не и уште посилно, и тогаш гласно сум ги кажувала проблемите и сум барала правда. Она што е различно, е дека битолските партиски функционери го прават истото она против кое заедно сме се бореле – никого и ништо не почитуваат. Ви пишувам, оти такви избраници не можат да шират европски вредности. Такви избраници не можат да нудат живот кога дури и она малку соживот што го имаше, го ништат.
Локални партиски функционери кои градат кариера со закани и лични навреди упатени кон сите неистомисленици, не можат да пропагираат европска култура.Затоа, со должна почит кон вас, денес кога ќе дојдете во Битола првото нешто кое треба да го направите е да им одржите “час“ по домашно воспитување и политичка култура. Не мора да ме послушате. Јас само се обидувам да ви доловам дел од вистинските состојби во Битола во изминатите 10 месеци, кои очигледно се прилично различни од “розовата“ слика која вашите сопартијци ќе се обидат да ви ја “продадат“.На крај, Битола навистина сакаше живот за сите, ама вашите избраници ни кажаа јавно – дојде животот, сите ќе умрите… од мака!

Со почит,

Габриела Илиевска

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.