Вечерата после 18 часот беше предмет на дебата со години. Додека некои тврдат дека времето на последниот оброк во денот нема влијание врз вашата тежина, други се убедени во спротивното.
Се проценува дека повеќе од 2,1 милијарди возрасни во светот имаат прекумерна телесна тежина, зголемувајќи го ризикот од дијабетес и висок крвен притисок. Исто така, некои претходни студии укажуваат дека конзумирањето храна подоцна во текот на денот е поврзано со дебелината и метаболички синдром.
Авторот на новата студија, д-р Џонатан Јун, од Универзитетскиот факултет „Џон Хопкинс“, рече: „Оваа студија фрла ново светло за тоа како консумирањето доцна вечера ја влошува толеранцијата на гликоза и ја намалува количината на согорена маснотија“.
Но, тој исто така истакна дека влијанието на доцната вечера варира од личност до личност и зависи од вообичаени навики за спиење.
„Ова покажува дека некои луѓе може да бидат почувствителни на доцните оброци од другите“, вели тој, истакнувајќи дека некои луѓе имаат зголемен ризик од дијабетес и дебелина како резултат на оброците доцна во ноќта.
Имено, истражувачите проучувале 20 здрави доброволци – десет мажи и десет жени – за да видат како ја варат вечерата што ја јаделе во 22 часот во однос на вечерата што ја јаделе во 18 часот. Сите волонтери отидоа во кревет во 23 часот.
Истражувачите откриле дека нивото на шеќер во крвта е повисоко, а количината на преработена маст е помала после подоцнежната вечера, дури и ако јаделе идентичен оброк во 18 часот.
„Во просек, највисоко ниво на гликоза после доцната вечера беше околу 18 проценти повисоко, а количината на согорена маст во текот на ноќта се намали за околу десет проценти во однос на резултатите по консумирање претходна вечера“, рече другиот автор на студијата, д-р Ченјуан Гу, исто така од Универзитет Џон Хопкинс.
Студијата, објавена во списанието Клиничка ендокринологија и метаболизам, не е прва што ги покажува ефектите од доцната вечера, но истражувачкиот тим соопшти дека е една од најтемелните.
Слична студија, објавена на почетокот од годинава, покажа дека консумирањето храна после 18 часотго зголемува ризикот од дебелина и дијабетес тип 2. Научниците велат дека ова е затоа што дигестивниот систем е помалку ефикасен ноќе, заради нешто што се нарекува циркадијански ритам. Тој ритам е 24-часовен циклус што диктира сè од моментот кога ќе се чувствуваме поспано до моментот кога нашите имуни клетки се најактивни. Бидејќи во текот на ноќта произведуваме помалку плунка, нашиот стомак произведува помалку дигестивни сокови, цревните контракции што ја движат храната низ цревата се забавуваат и ние сме помалку чувствителни на хормонот инсулин. Ова значи дека ние ја обработуваме храната поефикасно во текот на денот.
Водени од овие студии, експертите се согласуваат дека конзумирањето храна доцна во ноќта го зголемува ризикот од зголемување на телесната тежина, но и други болести.