Нема докази, верувам дека ќе ја докажеме невиноста на мојот клиент Љупчо Палевски, изјави денеска адвокатот Марјан Витановски, веднаш по завршувањето на судското рочиште на коешто сведочеа мајката на убиената Вања Ѓорчевска, Зорица Ѓорчевска, како и ќерката и зетот на убиентот Панче Жежовски – Ана Киркова и Тодор Кирков.
– Зорица Ѓорчевска во својот исказ не посочи дека го познава Палчо, а не знаеше ни дали нејзиниот сопруг Александар воопшто се познавал со Палчо. Нејзиниот исказ повеќе се состоеше од тоа како се одвивала потрагата и кои дејствија ги презела таа. Во однос на оштетената Ана Киркова, и таа не ги познава обвинетите освен Велибор Манев. Не знае за било какви недоразбирања со Палевски, а истото го кажа и нејзиниот сопруг сведокот Тодор Кирков. Засега, нема ниту еден дел од нивниот исказ кој упатува кон тоа дека Палевски е сторител на кривичните дела. Ние баравме од оштетената и субјективно мислење дали можеби претпоставува дека можеби нејзиниот сопруг и Палевски биле во некаков контакт, а таа одговори дека не знае за такво нешто – рече Витановски.
Според доказите, постои голема можност, додаде тој, обвинетиот Љупчо Палевски воопшто да не биде поврзан со кривичните дела.
– Многу адвокати се оградија, ама јас цврсто и искрено верувам во невиноста на мојот клиент – додаде Витановски.