Помина првата недела од кампањата за претседателските избори. Рекламите за кандидатите се околу нас и нивните фотографии и однапред снимени материјали ги читаме, слушаме и гледаме, дури и да не сакаме. Прашавме еден социолог и еден пи-ар експерт – какви пораки испраќаат кандидатите за шеф на државата – преку слоганите и преку настапите на средби со граѓаните? Погледнете го видеото
Како на лента, седумтемина кандидати за претседател на државата го окупираат рекламниот простор на телевизиите. На спотови покажуваат грижа за државните проблеми, се додворуваат на различни профили на луѓе, оперираат, се качуваат на карпи…
„Нашиот претседател“, „Македонија повторно горда“, „Европски претседател“, „Храбро за Македонија“, „Максимум за Македонија“, „Го враќаме достоинството на нацијата“, „Вреди“, се главните обележја на кандидатите.
Слоганите не се ниту нови ниту особено впечатливи, велат нашите соговорници – универзитетската професорка Јасна Бачовска-Недиќ и експертот за односи со јавност Гоце Пачемски, со кои прво ги анализиравме слоганите на кандидатите за претседател.
„Слоганиве како да ги напишал еден ист човек, стратег, една иста група на луѓе. Се обидувале тоа да бидат реченици, фрази кои лесно се паметат, што е карактеристика на слогани во политичка пропаганда, нема објаснувања, ниту скриени пораки, меѓутоа, ниту еден од овие слогани, за мене, од комуникациски аспект, не се впечатливи“,
вели Пачемски.
„Нема некоја впечатливост можеби и заради целиот социо-политички контекст, односно геополитичките случувања, гледаме, прво се општи, малку застарени, удираат на идентитетот, бегаат од реалните проблеми, слоганите не ги третираат реалните проблеми“,
додава Бачовска-Недиќ.
Освен со пораки преку медиумите – традиционални и нови, кандидатите за шеф на државата секојдневно се присутни и на терен меѓу потенцијалните гласачи. Нашите соговорници ја анализираа и реториката на предизборните настапи на кандидатите.
„Гарантирам дека не постои ниту еден човек во оваа држава кој може да каже дека бил од мене како претседател дискриминиран по кој било основ. За жал, опозицијата и нивните кандидати со години ја форсираат поделбата на наши и ваши, на патриоти и предавници, на антички и словенски Македонци, на вмровци и останати“,
вели на митинзите кандидатот за претседател Стево Пендаровски.
„Актуелниот претседател се занимава со прашања коишто не можам да кажам се неважни, меѓутоа апсолутно избенува да артикулира со горливите прашања, а тоа е нашиот влез во ЕУ и како тоа ќе го решаваме, едноставно тие работи ќе ги ставаме во втор план… И исто така, тоа ми се допаѓа, покажува една висока свест за недовербата на македонските граѓани во институциите на државата“,
анализира Бачовска-Недиќ.
„Се обидува да го објасни концептот за тоа што значи да бидеш претседател, обединувачката функција. Оваа стратегија ќе биде само за првиот круг, во вториот круг ќе се смени, мислам. Недостасуваат одговорите што ќе направиме, откако ќе бидам повторно избран“,
вели Пачемски.
Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, се врзува и за историски настани.
„Оваа година е година на АСНОМ, 80 години. АСНОМ, партизаните, беа инспирирани од првиот Илинден и човекот пред мене нашиот апостол Гоце Делчев и затоа влегоа во вториот Илинден. Ете така се гради гордост. Тие беа спремни да умрат за Македонија за да ја направат горда. Ние мора тоа да го почитуваме, тие тоа го заслужуваат“,
порача таа на еден од митинзите.
„Се оди на емотивен набој, дефинирање на она што значи гордост на секој од вас овде. Звучи национал-романтичарски, но тоа е во идеологијата на партијата која ја поддржува оваа кандидатка“,
вели Пачемски.
„Тоа е на некој начин политички маневар, бегање од вистинските проблеми, што ќе прават тие понатмау со Уставот, со прашањето со Бугарија. Како да ни е загрозен државотворниот капацитет како општество и ова е исто како да водиме некоја кампања во времето кога Македонија стануваше независна држава“,
смета Бачовска-Недиќ.
Следен за анализа ни беше Бујар Османи – кандидатот на коалицијата „Европски фронт“, предводена од ДУИ.
„Првата работа што ќе ја направам како претседател, ќе биде да ги свикам лидерите на политичките партии и главните чинители во државата на состанок што ќе трае колку и да треба, со денови и недели, но нема да излегуваме од тој состанок додека не си подадеме рака еден на друг, додека не постигнеме натпартиски државен консензус дека ЕУ е без алтернатива“,
често изјавува Османи.
„Знаете што, тука стратезите што ја поставиле оваа реченица, овој наратив, играле на две карти, прва е обединувачката функција на претседателот кој по функција треба да ја има, а никако тој идеал да го постигнеме целосно, онака како што го посакуваме како граѓани и гласачи и второ, карактеристиката на европските бирократи и американски дипломати, да расправаат, дебатираат, во затворени простории, додека не се постигне консензус, не се излегува од таа просторија. Тој идеал веќе не постои ни во самата Унија, а камоли во Македонија“,
вели Пачемски.
„Комотна тема, но и многу му е полесно на Бујар Османи во оваа кампања, ако гледате кај претставниците на Македонците, се избегнува да се споменуваат ЕУ, НАТО, поради евроскептицизмот кој расте, по сето ова што ни се случи. Бујар Османи постојано инсистира дека ова нема алтернатива, тоа е влезот во ЕУ и партнерството со САД, тој е тука непоколеблив“,
додава Бачовска Недиќ.
Америка е дел од предизборната реторика и на кандидатот на коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски, кој од неодамна е на „црната листа“ на САД.
„Граѓаните можеа да видат дека ни Америка, ниту свети Америка, кога е во прашање Република Македонија нема ниту милиметар да отстапиме и дека сѐ што имаме да ѝ кажеме ќе ѝ кажеме зашто чесно и поштено си ја обавуваме својата функција“,
изјавува Јакимовски.
„За мене лично, тоа е изненадување, начинот на кој ја формулира оваа порака. Се знае кои се САД во светската политика, какво е нивното влијание. Отворањето на ваков фронт, вербален, и користењето на тоа нема многу да придонесе кон зголемување на бројот на гласачи“,
анализира Пачемски.
„Ова е една непристојна дури за мене артикулација за кампањски потреби, макар што мислам дека кандидатот е совршено свесен за реалните состојби, но ова се само предизборни реторики“,
оценува Бачовска-Недиќ.
Погледнавме и сегмент од предизборен настан на Максим Димитриевски, кандидат на ЗНАМ.
„Никогаш, ама никогаш, нема да потпишам закон со којшто нема да се согласува мнозинството население во оваа држава. Недопустливо е да менувате закони со кои ќе намалувате казни за вас, а граѓаните до гуша во долгови и глоба за нив. Сакаме да изградиме праведно општество за сите и се борев под слоганот ‘Нема правда, нема мир’ и верувам во тоа и ден-денеска верувам и зборот за мене сѐ уште е збор“,
кажа Димитриевски.
„Знаеме дека тој беше во редовите на СДСМ и можеби стана маркантен баш во времето на Шарената револуција, затоа и некаде го користи овој слоган, ‘нема правда нема мир’ и дои до тука тој бил пријател со СДСМ кога таа се борела против корупцијата, против авторитаризмот, со ова кажува дека тој има таква идеологија, но дека ја губи партијата во неговата партија, една фракциона кампања води и тоа го покажува“,
оценува Бачовска-Недиќ.
„Јас сметам дека тој се обидува да ги окрупни, на своето конто да ги стави сите што се незадоволни, пред сѐ од актуелната владејачка гарнитура, каде што тој припаѓаше до скоро, меѓутоа паралелно и оние кои не се задоволни од актуелната опозиција“,
анализира Бачовска-Недиќ.
Билјана Ванковска, која е поддржана од Левица, за себе вели дека е субверзивниот кандидат на овие избори.
„Другите ќе повторуваат една иста плоча или приказна, јас имам поинаков поглед на нештата, и ќе се обидам да го доближам до граѓаните затоа што мојата почетна теза е дека ако одиме по една зацртана патека, а таа нѐ води удолу, тогаш конечно треба да застанеме и да видиме каде имаме алтернативи“,
вели Ванковска.
„Можам да кажам ова е најхрабро од сите кандидати, јасно кажува дека досегашните наши тенденции за ЕУ и НАТО не се нашиот пат и дека ако тој не вроди со плод, имаме други алтернативи, се знае дека другите алтернативи се Русија и Кина, значи нови политички, нови воени сојузи, едно комплетно вртење на македонската политика“,
вели Бачовска-Недиќ.
Последен за анализа, но не и по важност, беше кандидатот на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари.
„Мислам дека во Македонија е добро да се случи еднаш претседателот на државата да биде од други етнички заедници, иако навистина мислам дека сè уште не се созреани условите да се гласа за човек. Општо, луѓето овде се многу партизирани, иако на претседателските и локалните избори граѓаните гласаат за личноста, а не за партијата“,
кажа Таравари.
„Мислам дека тука е во право, мислам дека граѓаните во Македонија сѐ уште не гласаат за личност, јас мислам, од социополитички аспект, дека не сме созреани, за жал, да имаме таква некоја ситуација и дека уште кај Македонците тоа е доживеано како политички брутализам од страна на политичките партии, но ќе видиме каква ќе биде ситуацијата на терен“,
вели Бачовска-Недиќ.
„Вака како што се поврзани, да, така е, ние тоа го знаеме, меѓутоа зошто да е така, зошто да не е обратно, зошто навистина да не гласаме за кандидат, а не за партија, а зошто да е битно дали е Албанец или Македонец? На тие прашања не дава одговор овој кандидат, засега“,
смета Пачемски.
Кампањата пред првиот круг од претседателските изброи ќе трае до 22 април. Што треба да очекуваме?
„Да покажат поголема политичка свест, да афирмираат добри вредности, толеранција, но и малку да понудат политичко образование на нашите граѓани. Едни побогати дискусии“,
порачува Бачовска-Недиќ.
„Две работа се очекуваат, да даде визија за иднината на луѓето за следните 2-3 децении, да го покаже патот каде треба да се движи и што тоа ќе им донесе на државата. Тоа да биде многу јасно и едноставно кажано. И второ, да се обиде да биде ефективен коректив на Влада и политичките партии“,
советува Пачемски.
Одмерувањето на силите меѓу овие седуммина е закажано за 24 април. Вториот круг, пак, во кој ќе продолжат само двајца, е на 8 мај. Кој е најдобар, ќе одлучат граѓаните зад гласачкиот параван.