Откако стана јасно дека на претседателските избори во САД во ноември ќе видиме повторување на трката од 2020 година, фокусот на анализите се темите што ќе ги водат Американците кога ќе решаваат дали да го поддржат Џо Бајден или Доналд Трамп. Светот, а и Северна Македонија, со интерес го следат изборниот процес поради влијанието што едниот или другиот избор би го имале на динамиката на глобално ниво. Новинарот на „360 степени“, Владимир Мирчески од САД прави анализа на прашањата за кои се дебатира во предизборието
Џо Бајден или Доналд Трамп – тоа е прашањето кое сѐ повеќе добива на замав, не само овде во САД, туку и во целиот свет, имајќи го предвид глобалното значење што го има станарот во Белата куќа. Откако стана јасно дека ќе гледаме повторување на трката од 2020, изборот кој, во останатиот дел од земјината топка се перципира како судир меѓу црвените републиканци и сините демократи, или борба меѓу трезвениот Бајден и агресивниот Трамп, тука во САД има многу подлабоко значење. Америка е поделена за многу прашања, но не и за оние што се од најголемо значење за обичниот граѓанин од чиј глас во ноември ќе зависи дали актуелниот претседател ќе биде реизбран или поранешниот пак ќе ја добие довербата и покрај тоа што против него се водат низа кривични предмети – од коруцпија и затајување данок до обид за уривање на уставниот поредок…
Од серијата средби што ги имав тука во САД, со луѓе кои го покриваат целиот спектар на американското општество – од обични работници, па сѐ до такви што ги носат одлуките, произлегува дека прашањето на економијата ќе биде пресудно.
„Прашањата за кои станува збор се оние што ги нарекувам ‘кујнска маса’, како, на пример, инфлацијата, која е висока и сите ги чувствуваме ефектите од тоа. Кога инфлацијата е ниска, каматите се високи, цените одат нагоре и затоа сѐ е поскапо – сместувањето е скапо… Тоа се работите за кои обичниот граѓанин се грижи. Кандидатите треба да имаат порака структуирана околу овие сегменти, нешто што ќе понуди решенија“,
вели Дени Томпсон поранешен лидер на синдикалните организации на Невада.
Невада се смета за „виолетова“ држава – што значи дека спаѓа во редот на превртливи или „свинг стејтс“ – може да застане зад Бајден, но и зад Трамп. Во изминатите 100 години кога некој кандидат ќе победел во Невада, тој станувал претсетдател на САД. Охајо, пак, засега е силна републиканска база, но тоа не значи дека и таму висината на платата на американскиот работник не е еден од клучните фактори на одлучување.
„Кога зборуваме за цените – ова е тешка година. Можам да проектирам дека ќе имам масивни загуби на сите мои насади, кога ќе споредам со ланската година кога направив профит. Не е невобичаено да имаш загуби и добивки, но тоа е нешто со што мора да живееме знаејќи дека една година ќе имаме добивка, а наредната ќе бидеме во загуба“,
вели Џонатан Зукер, фармер од Охајо.
„Ова е големо прашање кое нѐ загрижува – трговијата со други земји. Последните неколку администрации навистина не беа фокусирани на трговијата и како таа ќе влијае врз нас. Нам ни треба трговија, сакаме да ги праќаме нашите производи надвор од САД зашто произведуваме повеќе отколку што ни треба“,
изјави фармерот од Охајо, Сајд Придмен.
Второто големо прашање во претседателската трка, за кое има огромна поделба и дебата, е она за мигрантите. Илјадници луѓе од Јужна и Централна Америка чекаат на јужната американска граница за да влезат во „ветената земја“. Оваа тема директно ги засега токму сојузните држави кои се први на удар. Мислењата се различни – од тоа дека тие треба да се запрат, до тоа дека треба да им се дозволи влез зашто САД се изградени токму врз основа на имиграцијата. Впечатокот е дека стравот е поголем кај дел од политичарите, отколку кај обичните граѓани од државите кои гравитираат кон југот, каква што е Невада.
„Работата со имигрантите кои доаѓаат во земјава, знаете, речиси сите кои дошле во Америка се имигранти зашто се сметала дека е Новиот свет. Што е лошо во тоа, на пример, Италијанците и Ирците дошле во Новиот свет, но сега не сакате да доаѓаат луѓе од под границата, од Јужна и Централна Америка. Не знам точно колкава е популацијата тука, мислам околу 320 милиони луѓе, но знам дека 40 до 50 проценти од САД, во смисла на земја, е ненаселена што значи дека има доволно простор. Ако имаме 10 до 20 милиони луѓе кои сакаат да заминат од своите земји, да дојдат тука, да имаат нов почеток и шанса за подобар живот, мислам дека треба да ги прифатиме“,
смета Ерик Јанг, сопственик на фризерски салон во Лас Вегас.
Третото прашање кое се смета за потенцијално решавачко во претседателските избори е она за правото на абортус. Тука гледаме сериозен судир на конзерватизмот и либерализмот, т.н. црвени наспроти сините држави. Во Охајо, оваа тема е поларизирачка – иако државата сега е „црвена“, неодамна помина либерално решение во однос на абортусот.
„Најдобар показател се резултатите од минатогодишните избори на кои речиси 57 отсто од жителите на Охајо гласаа за пристап до абортус. Последните истражувања на јавното мислење се тука некаде со резултатите кои на национално ниво покажуваат дека 7 од 10 Американци го поддржуваат пристапот до абортус. 0.50 Бројот на граѓани на Охајо и Американци кои го поддржуваат ова право многупати се зголемија во последните две години“,
анализира Џејми Миракл од „Право на избор – Охајо.
„Абортусот во Охајо сега е дозволен низ „одржливост“. Со усвојувањето на член 1, параграф 22 од нашиот Устав, вордингот во овој параграф, според некои одлични правни експерти вклучувајќи го и Јавниот обвинител на Охајо, остава простор за абортуси во поодмината бременост во 7, 8 па дури и во 9 месец. Правиме се што можеме за тоа да не се случи.Кога се случува абортус со што се прекинува бременоста нешто излегува. Што е тоа? Тоа е распарчено човечко битие. Да се негира научната реалност дека уникатно човечко битие се создава во моментот на зачнување навистина е позиција спротивна на науката“,
вели Петер Рејнџ од „Право на живот – Охајо“.
Како тоа либерално решение поминува во конзервативна држава? Одговорот е во „џеримендеринг“ – термин што означува прекројување на дистриктите/областите на гласање според потребите на партиите, најчесто таа што е на власт.
„Овде во Охајо се соочуваме со најлош вид на „џеримендеринг“ во земјата и тоа трае со децении. Демократите и Републиканците го прават тоа кога ја имаат моќта на пенкалото и кога доаѓа време е да се прецртаат мапите и тие тоа секогаш ќе го сторат со што ќе си загарантираат дека ќе бидат реизбрани. Тоа му штети на гласачот и и штети на нашата демократија“,
смета Џен Милер од Лигата на жени избирачи – Охајо.
Значи, мнозинството американски гласачи ги интересира се, само не она што се случува во светот како, на пример, руската агресија во Украина, конфликтот во Газа, искричењата со Кина, трговски и безбедносни… Зошто е тоа така, прашав професор по политички науки.
Никој од нашите соговорници не ги споменаа важните меѓународни прашања како клучни за претседателската трка. Зошто е тоа така?
„Зашто сте во Америка. Американските гласачи вообичаено не гласаат раководејќи се според меѓународната политика. Ставете некои од овие земји на мапа и повеќето Американци нема да знаат да ги најдат. Поставивте одлично прашање и знам дека е многу фруристрирачко и кога зборувам со странски новинари добивам многу вакви прашања, знам дека луѓето надвор од САД посветуваат големо внимание на американската политика, но обичниот американски граѓанин нема поим што се случува во останатиот дел од светот“,
одговори Дејвид Дамор, професор по политички науки на Универзитетот на Невада.
Но, што ќе се случи со американската надворешна политика, а со тоа и со односот кон важните меѓународни прашања, ако Доналд Трамп биде реизбран. Во првиот мандат американскиот систем се покажа отпорен кон неговите неконзистентни политики и одлуки кои најавуваа враќање кон изолационизам. Дали така ќе биде ако во ноември победи на изборите?
„Мислам дека ќе видите, многу отворено кажано, тој ќе се повлече од Украина, едноставно тоа ќе го направи и ќе видите негов поагресивен пристап околу Средниот Исток, особено за Израел. Значи, ќе видиме повлекување на американската поддршка за Украина, а поагресивен пристап околу конфликтот во Газа. Мислам дека ќе има и поагресивна позиција кон Кина, Бајден се обидува тоа да го прави со повеќе финеси, но мислам дека Трамп ќе биде поагресивен како што тоа го направи минатиот пат. Мислам дека тоа ќе бидат главните импликации, а во однос на меѓународната политика мислам дека ќе видите повлекување од прашањата поврзани со климатските прашања и глобалното затоплување“,
вели Дејвид Дамор, професор по политички науки на Универзитетот на Невада.
Имигрантската заедница, која е исклучително голема, со чии претставници имав можност да разговарам, е наклонета кон Бајден, дел од синдикатите исто така, а и латино-популацијата и дел од црните Американци. Но, тоа не значи и дека истовремено се задоволни од се што направи администрацијата на Бајден во изминатите 3 години. Забележуваат дека недоволно се инвестирало дома, а премногу се помагало во странство. Сепак, впечатокот е дека она што ги обединува меѓу другото е и стравот од можно враќање на Трамп во Белата куќа и неговата политика „Летс меик Америка греит аген“ во која некои гледаат огромна опасност за американската демократија.
„Јас поотворено се залагам против фашизмот зашто, за жал, чувствувам дека во ноември демократијата ќе биде на гласање и тоа е составен дел од мојата кампања“,
изјави Патрик Барнакл, кандидат на демократите за претставник во парламентот на Охајо.
„Трамп ги поттурна границите на нашето право, на нашиот Устав до ниво на кое продолжува да победува и ако биде реизбран во ноември… Системот нема да може тоа да го издржи и навистина стравувам дека тоа ќе биде крајот на американската демократија каква што ја знаеме доколку Трамп пак влезе во Белата куќа,“,
вели филмскиот продуцент Крис Чарлс Скот.
Исходот ќе се знае на 5 ноември.