За блокадите на студентите во Србија, зборувал и тамошниот претседател, Александар Вучиќ кој изјавил дека нема проблем со тоа и дека ако тоа не им пречи на нивните професори, не му пречи ниту него.
„Мислите дека ќе ги запрам студентите на блокадите на ректоратот, на деканатот и не знам зошто. Зошто би го правел тоа? Што би ми пречело тоа? Единствено што може да ми пречи е тоа што ќе доцнат во студиите и во образовните програми. Ако тоа не им пречи на нивните професори, бидејќи и тие станаа револуционери и мислат дека треба да се вратат 30 години наназад за да можат некому да угодат, јас немам проблем со тоа“, рекол Вучиќ во изјава за српските медиуми и додал дека никому не му угодува.
„Јас не сум другарот Тито, како што велат некои, па ќе речам „овие се во право, а овие не се“. Сега да ве прашам сите, знаете ли која беше причината за протестот во 68-ма? Не знаете, ниту пак некој има идеја. Студентите бараа повеќе марксизам од марксизмот што го имавме во изобилство“, рекол претседателот на Србија.
Студентските блокади на факултетите низ Србија почнаа пред нешто повеќе од две недели и оттогаш ширум земјата секојдневно се приклучуваат нови факултети.
Студентите на сите блокирани факултети бараат, да потсетиме, објавување на комплетната документација за реконструкцијата на Железничката станица во Нови Сад, инсистираат на транспарентност и достапност на документацијата до пошироката јавност.
Студентите бараат отфрлање на обвиненијата за нивните колеги приведени на протестите, бараат нивно ослободување од притвор, но и кривична пријава за лицата кои ги нападнаа студентите и професорите на ФДУ. Исто така бараат српското Министерство за внатрешни работи да поднесе кривична пријава против насилниците, чии идентитети веќе ѝ се познати на јавноста од медиумите. Бараат потврда на идентитетот на напаѓачите, гонење и разрешување на тие лица доколку се на јавна функција.