ГОЛЕМИОТ УКРАИНСКИ НАПАД НА ВАЖЕН РУСКИ БРОД – Крим се тресеше од експлозијата, официјална Москва призна: Да, бродот е погоден

Украина изврши голем воздушен напад врз кримското пристаниште Феодосија, потврди денес (вторник) командантот на украинските воздухопловни сили, откако гувернерот на Крим назначен од Русија соопшти дека нападот предизвикал пожар во пристаништето на градот.

Командантот на украинските воздухопловни сили, Микола Олешук, во објава на социјалната мрежа Телеграм напиша дека во нападот бил уништен важен брод на руската морнарица, амфибискиот јуришен брод „Новочеркаск“, но тој не обезбеди докази за тоа. Малку подоцна Русите признале дека бродот бил погоден и дека најмалку едно лице загинало.

„Руската флота станува сè помала и помала! Упатувам благодарност до воздухопловните пилоти и сите што учествуваа во филигранската работа!“, порача Микола Олешук.

Медиумската агенција Reuters наведува дека споменатите наводи во моментов е невозможно да се проверат.

Претходно во вторникот, Сергеј Аксјонов, рускиот гувернер на Крим, потврди дека украинскиот напад резултирал со пожар во пристаништето на градот.

„Сите релевантни служби за итни случаи се на терен“, објави Сергеј Аксјонов на социјалната мрежа Телеграм и додаде: „Ќе бидат евакуирани жителите на неколку куќи“.

Видео-снимките објавени од неколку руски медиуми на социјалните мрежи покажуваат силна експлозија и пожар над областа на пристаништето.

За потсетување, во 2014 година Русија го анектираше полуостровот Крим, кој е меѓународно признат како дел од Украина.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.