(ВИДЕО) Филхармонија со музика од филмови на Кјубрик ги почести љубителите на класиката



Во изведбата на безвременските дела уживаа повеќе стотина посетители кои вечерва беа во Градскиот парк

Македонската филхармонија вечерва во Градскиот парк во Скопје го одржа традиционалниот концерт „Филхармонија на отворено“, со што ја најави новата концертна сезона.  

Концертот овој пат беше насловен „Одисеја 2024“, инспириран од филмот „2001: Одисеја во вселената“ на еден од најславните режисери на сите времиња, Стенли Кјубрик. 

Под диригентската палка на маестро Дијана Имери-Илкоска беа изведени музички теми од големите композиториски имиња на класичната музика, Моцарт, Бетовен, Штраус, Росини, Хачатуријан, Елгар, Хендл, Пук и Шостакович, кои ги одбележаа маестралните филмови на Кјубрик – „2001: Одисеја во вселената“ (2001: A Space Odyssey), „Пеколен портокал“ (A Clockwork orange), „Бери Линдон“ (Barry Lyndon) и „Очи широко затворени“ (Eyes Wide Shut). 

„Кјубрик на музиката гледал како на едно од најмоќните оружја во неговите уметнички остварувања, па затоа и неговиот избор на дела бил мошне деликатен. Токму музиката на класичните композитори ги прави филмовите на Кјубрик дотолку повеќе препознатливи, давајќи им посебна драматургија и естетика“,

велат од Филхармонија. 

Во изведбата на безвременските дела уживаа повеќе стотина посетители кои вечерва беа во Градскиот парк во Скопје.  

На сцената беа поставени три видеобима на кои се прикажуваа секвенци од филмовите на Кјубрик, додека оркестарот на Филхармонијата ги изведуваше музичките дела.  

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: