„Вилицата на Ибен Бајерс“ гостува на Денови на независна сцена во Цетиње






Претставата „Вилицата на Ибен Бајерс“ по текст на Филип Грујиќ, во режија на Борис Василески, a во продукција на здружението „Штрих“ од Скопје ќе биде изведена вечерва  во Краљевско позориште Зетски дом – Цетиње на Денови на независна сцена.

Претставата сведочи за извонредниот подем и трагичниот пад на Ибен Бајерс, човек обземен од амбиции и заробен од смртоносна привлечност. Така, со возбудлив приказ на ненаситната потрага на еден човек за моќ, оваа претстава навлегува во вистинската приказна за протагонистот, харизматичен индустријалец чиј живот добива судбоносен пресврт кога ќе наиде на моќен напиток. Општествениот коментар на делото се зајакнува уште повеќе со појавата на Radium Girls кои паралелно со приказната на Ибен, ја раскажуваат и својата приказна обоена во црно од зелениот еликсир.

„Вилицата на Ибен Бајерс“ е застрашувачко истражување на човечкиот дух, што ги истакнува опасностите од неконтролираната амбиција и кревкоста на нашето постоење – сплет на хибрис и трагедија кои даваат одговор на многу навидум едноставни но сепак комплексни човекови дилеми.

Играат: Марјан Наумов, Гоце Андонов, Благојчо Стојанов, Ава Хусеини, Томислав Давидовски, Катерина Јовановиќ, Ана Грамосли и Јанка Лефкова. Продуцент на претставата е Андреа Маркоска, драматург Стефан Миленков, костимографијата е на Марта Дојчиновска, сценографијата е на Ненад Тонкин и музиката е на Сашко Костов.

– Реклама –








Пронајдете не на следниве мрежи: