Владата му даде зелено светло на предлог-законот за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата


Охридското Езеро се прогласува за споменик на природата поради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности, како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки

Владата на денешната седница, на иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), го усвои текстот на предлог-законот за прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во трета категорија – споменик на природата. Предлог-законот понатаму ќе оди во Собрание за негово донесување, информираат вечерва од МЖСПП.

„Охридското Езеро се прогласува за споменик на природата заради геоморфолошките и хидролошките карактеристики, исклучителните природни вредности, како дел од Светското природно наследство на УНЕСКО и еден од најважните рефугиум центри на биолошката разновидност во европски и светски рамки. Споменикот на природата – Охридско Езеро ќе биде управуван од Јавното претпријатие ‘Колекторски систем’. Планот за управување ќе треба да се донесе најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон“,

појаснуваат од МЖСПП.

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Како што се наведува во соопштението од Министерството, со прогласување на споменик на природата, се овозможува заштита и зачувување на природната состојба на Охридското Езеро, преку заштита и зачувување на живеалиштата и видовите од национално и европско значење и заштита на другите природни вредности. Ќе се спречат дејствијата што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и екосистемите, а ќе се овозможи и создавање поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност. Исто така, се овозможува и одржливо користење на природните ресурси, на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

Процесот е поддржан од Програмата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП) во Виена и Меѓународната унија за заштита на природа (IUCN), Канцеларија за Источна Европа и Централна Азија (ECARO) и од национални институции и експерти.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: