Русија летово ќе пресели дел од својот нуклеарен арсенал во Белорусија, соседна земја која долго време служеше како воен полигон за обука на руската армија.
Договорот за распоредување на руско тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија, де факто „вазална држава“, вчера го објави претседателот Владимир Путин во своето телевизиско обраќање до нацијата.
„Русија постигна договор со Белорусија за стационирање на тактичко нуклеарно оружје“, посочи Владимир Путин и додаде дека распоредувањето на руското нуклеарно оружје во Белорусија нема да ги прекрши одредбите од постоечките меѓународни договори за неширење нуклеарно оружје.
Тој додаде дека САД со децении имаат такви аранжмани со своите партнерски земји во Европа.
„На Белорусија и го предадовме нашиот добро познат и високо ефикасен систем „Iskander“ што може да носи нуклеарно оружје. На 3. април ќе започнеме со обука на екипажот, а на 1. јули ќе ја завршиме изградбата на специјално складиште за тактичко нуклеарно оружје на територијата на Белорусија. Овде нема ништо необично, САД го прават истото со децении. Тие одамна го распоредија своето тактичко нуклеарно оружје на територијата на сојузничките земји“, кажа рускиот претседател.
Москва има 5.977 нуклеарни боеви глави во својот арсенал, а САД имаат 5.428. Се верува дека американското нуклеарно оружје е распоредено во шест бази низ Европа и Турција.
По инвазијата на Украина, Владимир Путин постојано се закануваше дека ќе користи нуклеарно оружје, но ова е прв пат да најави распоредување нуклеарно оружје во друга земја. Министерството за одбрана на САД реагираше на вчерашната најава на рускиот претседател за распоредување нуклеарно оружје во соседна Белорусија.
„Ја видовме најавата и ќе продолжиме да ја следиме оваа состојба. Не гледаме никакви индикации дека Русија се подготвува да употреби нуклеарно оружје. Остануваме посветени на колективната одбрана на НАТО алијансата“, порачаа тие.
Весникот The Guardian потсетува дека Белорусија е еден од ретките преостанати пријатели на Русија и дека белорускиот претседател Александар Лукашенко на самиот почеток на војната му дозволил на Владимир Путин да ја нападне Украина од белоруска територија, по што следеше неуспешниот напад на руската армија врз Киев.
„Русија стационираше десет авиони способни да носат тактичко нуклеарно оружје во Белорусија“, посочи Владимир Путин.
Пронајдете не на следниве мрежи: