ВМРО-ДПМНЕ освен што доби комплетно ново партиско седиште од „Бетон“, добила уште два милиони и 160.000 евра од истата градежна компанија пред да се изгради објектот, покажуваат податоците до коишто дојде БИРН, а кои двете страни одбиваат да ги коментираат.
Летото 2012 година ВМРО-ДПМНЕ преку оглас во весниците бараше соинвеститор што со свои пари ќе изгради објект од два дела, кои ќе имаат посебни влезови и откако ќе финишира градењето, фирмата ќе биде обврзана едниот дел да ѝ го отстапи на ВМРО-ДПМНЕ по принципот „клуч на рака“.
Влогот на партијата во оваа зделка беше градежното земјиште, кое е нејзина сопственост и врз кое се наоѓаше препознатливата жолта зграда на ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје, што „Бетон“ ја урна и на истото место ја подигна палатата „Христо Татарчев“.
Порамнување тешко 2 милиони евра
ВМРО-ДПМНЕ за партнер го одбра скопски „Бетон“ на бизнисменот Минчо Јорданов. Како што открива БИРН, градежната компанија ѝ понудила на партијата 43 проценти од планираната зграда.
Меѓутоа, кога во јануари 2013 двете страни го потпишале договорот за изградба на објектот, од вкупно 11.000 квадрати „Бетон“ добила околу 7.000 квадратни метри за хотел, додека ВМРО-ДПМНЕ нешто помалку од 4.200 за партиско седиште.
Тоа значи дека партијата наместо ветените 43 проценти, добила околу 37 отсто од целиот објект.
Затоа еден месец подоцна, во февруари 2013, ВМРО-ДПМНЕ и „Бетон“ потпишале анекс со којшто си ги порамниле сметките, односно партијата ѝ побарала пари на градежната компанија, бидејќи добила околу пет проценти помалку од ветеното.
Пет проценти од зградата се 634 квадрати и затоа ВМРО-ДПМНЕ барала градежната компанија да ѝ исплати 3.400 евра за секој квадрат што не го добила, односно два милиони и 160.000 евра.
Според сознанијата на БИРН, трансакцијата навистина се случила, „Бетон“ ѝ ја исплатил сумата на партијата уште пред зградата да биде готова. За жал, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, „Бетон“ не одговорија на нашите прашања, иако ги контактиравме пред повеќе од една недела во врска со оваа тема.
Дали „Бетон“ преплатил?
Прво што паѓа в очи е цената што „Бетон“ ја платил за метар квадратен и дилемата дали ова е реална пазарна вредност на објектот, којшто во тоа време не бил ни почнат.
Како што објавивме минатата недела, ВМРО-ДПМНЕ токму ова партиско седиште го стави под хипотека за да земе кредит од три милиони евра.
И во договорот меѓу партијата и банката, до којшто дојде БИРН, пишува дека седиштето и земјиштето под него, двете страни процениле дека вредат четири милиони евра.
Ако се знае дека делот на ВМРО-ДПМНЕ од овој објект има околу 4.200 квадрати, излегува дека еден метар квадратен партијата и банката ги процениле на околу 1.000 евра или за речиси 3,5 пати помалку од цената што ја платил „Бетон“ во 2013 година.
Го прашавме менаџментот на градежната компанија зошто прифатил да плати неразумно висока цена од 3.400 евра за квадрат од зграда којашто во моментот сѐ уште не била изградена, меѓутоа и на ова прашање не добивме одговор.
Скопски „Бетон“ е еден од најголемите градежни изведувачи во Македонија.
Компанијата учествуваше во изградбата на триесетина објекти од „Скопје 2014“ и за нив склучила договори во вредност нешто повеќе од 200 милиони евра, што е некаде околу третина од сумата одвоена за контроверзниот проект.
Учествуваше во реконструкцијата и во доградбата на Собранието, во изградбата на новите објекти на Министерството за надворешни работи и на Градската куќа, направи повеќе постаменти за споменици, ги обновува фасадите на ЕВН и на Министерството за транспорт и врски, a го гради и панорамското тркало.
Нејзино дело се и северната трибина и модернизацијата на арената „Филип Втори“, проект од 60 милиони евра, како и црквата „Св. Константин и Елена“ на скопското шеталиште на улица „Македонија“, објекти што не се дел од „Скопје 2014“.
ИЗВОР: ПРИЗМА
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.