Во 2 по полноќ Катица Јанева дојде во судот

По повеќе од 12 часа во Кривичниот суд, нешто по полноќ заврши распитот на петмина осомничени во случајот „Империја“ на СЈО, а од 2 по полноќ па натаму, судијката на претходна постапка Весна Димишкова, пред која даваа исказ обвинетите почна да им ги дели решенијата со кои го прифати барањето за определување мерка притвор во траење од 30 дена, објави „Сведок“.
Околу 1 часот претходно, обвинителката Лиле Стефанова која го води случајот, го напушти судот, а се врати околу 2 заедно со Катица Јанева, да ги подигнат решенијата за притвор за Јордан Камчев и Ненад Јосифовиќ, додека другите решенија се изготвуваа.
Во оваа петорка се и Тодор Мирчевски од „Ексико“, Цветан Панделески од ЗК Пелагонија и Зорица Арсовска, сметководител во фирмите на Камчев. Во предметот се опфатени 13 лица, а за 5 се бараше притвор.
Нешто по 2.30 часот утринава, со возила на истражители на СЈО осомничените беа спроведени во Истражниот затвор во Шутка. Се сомничат за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари.
Претресите во просториите на “Орка Холдинг“ почнаа вчера, околу 6 часот утрото со асистенција на Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција, а беа спроведени и во домовите на сомничените и во другите фирми. Интересно е што во случајов како второосомничен е и Сашо Мијалков, но за него СЈО не побара мерки.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.