Шест репрезентации: Катар, Иран, Узбекистан, Ирак, Обединетите Арапски Емирати и Австралија се пласираа во вторникот во третото коло од азиската квалификациска зона за Светското првенство во фудбал во 2026 година, што ќе се одржи во САД, Мексико и Канада.
Актуелниот азиски шампион Катар го задржа стопроцентниот учинок во групата А, победувајќи го Кувајт со 2:1 како гостин. Катар го обезбеди првото место во групата со 12 бодови, додека во последните две кола за второто место ќе се борат Индија, Авганистан и Кувајт, кое води во следната рунда од квалификациите. По поразот на домашен терен од Авганистан со 1:2 претходно во вторникот, Индија остана на четири бода, исто колку и Авганистан, додека Кувајт е на три бода.
Веќе се познати и двајцата патници во следната рунда од натпреварувањето од групата Е, и тоа се Иран и Узбекистан, кои освоија по 10 бода во првите четири настапи и со тоа станаа недофатливи за Туркменистан и Хонгконг, кои останаа на по еден бод. Во вторникот како гостин Иран го победи Туркменистан со минимални 1:0, додека Узбекистан на домашен терен го совлада Хонгконг со 3:0.
Ирак остана стопроцентен во групата Ф со сигурната победа од 5:0 на гости кај Филипини и обезбеди едно од првите две места со 12 бода. Втора е Индонезија, која има седум бода по победата од 3:0 на гости кај Виетнам, третопласираниот Виетнам остана на три, а Филипините се последни со еден бод.
Во групата Х, ОАЕ обезбедија пласман со максимални 12 бода по победата од 3:0 против Јемен на мечот одигран во Саудиска Арабија. Второпалсираниот Бахреин е многу блиску до палсманот, а по победата од 3:0 на домашен терен против Непал има девет бода, шест повеќе од третопласираниот Јемен, додека Непал е на дното без бодови.
По четири кола, Австралија, исто така, остана со максимално остварување во групата И по победата од 5:0 на гости против Либан. Во оваа група второпласираната Палестина е блиску до пласманн и по победата од 1:0 на гостувањето кај Бангладеш има седум бода, додека на дното се Либан со два и Бангладеш со еден бод.
Вкупно 18 репрезентации ќе се пласираат во третото коло од азиските квалификации, двете најдобри од сите девет групи од второто коло, а во тоа трето коло ќе бидат поделени во три групи со по шест селекции. Двете првопласирани селекции од секоја група во третото коло ќе се пласираат на СП, додека третата и четвртата селекција ќе се пласираат во четвртото коло, по што уште три селекции ќе се пласираат на СП, а една ќе се пласира на интерконтиненталниот квалификации.