Крокодили се појавиле на поплавените улици во индискиот град Вадодара, каде поради врнежи во последните 24 часа настрадале пет лица, соопштуваат локалните власти.
Главната железничка станица и неколку улици во градот на западот од Индија денес се затворени поради вода. Евакуирани се околу 5000 луѓе чии домови се наоѓаат во близина на реката Вишвамитри, полна со крокодили и други рептили. Но, крокодилите се забележани на поплавените улици во некои делови од градот со 1,2 милиони жители, а според информациите на градската полиција, имало четири инциденти со крокодили во населените области. Во Индија годинава од монсунските дождови настрадале 460 лица.