Главниот град на Нов Зеланд, Велингтон, стана град со многу невообичаено место – продавница каде сè е бесплатно.
Оваа „Социјална продавница“ или „банка за храна“ како што уште се нарекува, е основана од градската организација „Мисија на Велингтон Сити“, која е основана во 1904 година со цел да одговори на барањата и потребите на локалното население.
Нивната цел, меѓу другите, е да изградат заедница заснована на грижа за другите.
Идејата за основање на ваква продавница произлезе од потребата за поддршка на заедницата преку обезбедување на пристап до храна кон луѓето и можност да изберат што сакаат. Исто така, се планира проширување на мрежата на вакви продавници во наредниот период.
Наместо цени – поени за набавка
Со цел да се реализира можноста за купување тука, сите заинтересирани треба да контактираат со организацијата, за да објаснат во каква ситуација се наоѓаат и зошто им е потребен ваков вид на помош. После тоа, тие закажуваат состанок кога ќе можат да одат на шопинг.
Наместо цени, предметите во продавницата се обележани со поени од 1 до 5, каде 1 поен вреди за најевтините намирници, додека 5 поени вредат намирници во вредност од повеќе од 10 долари.
Во зависност од ситуацијата во која се наоѓа лицето, организацијата одлучува колку поени за набавката ќе му бидат доделени. На пример, возрасно лице со слободен брачен статус би добило околу 55 поени, додека семејство би добило значително повеќе.
На овој начин, социјално загрозените лица не добиваат готов пакет храна, туку сами одлучуваат што да купат и како да управуваат со својот буџет.
Веќе има околу 3000 производи во продавницата и може да се најде сè, освен алкохол и цигари. Социјалната продавница има поддршка од големи ланци на супермаркети, но донациите се секогаш добредојдени.