Здравствените власти во Србија соопштија за 11 смртни случаи од Ковид-19 денеска, и тоа е најголем број во еден ден од почетокот на епидемијата на 6 март.
Во изминатите 24 часа потврдени се уште 309 случаи на заразени, а поради влошената епидемиолошка состојба, вонредни мерки се на сила во Белград и во пет други градови.
Покрај итните мерки претходно објавени во Крагуевац, Нови Пазар, Тутин, Ивањица и Врање, српската Влада усвои пакет вонредни мерки и за Белград, кои, без исклучок, ја ограничуваат работата на сите ресторани и ноќни клубови од 23 часот до 6 часот наутро следниот ден.
Воведена е обврска за носење заштитни маски, со почитување на физичкото растојание од еден и пол метри, во затворени простори, во приградскиот и меѓуградскиот превоз, а за прекршителите казната е околу 40 евра.
Владата донесе и одлука со која се забранува собирање на јавни места во затворени простории за повеќе од 100 лица, а на отворено до 500, со обврска да почитуваат физичко растојание од метар и половина.
Сите мерки донесени за Белград ќе важат до 18 јули.