Турските власти воведоа обврска за задолжително носење маски во трите најголеми градови и ќе воведат ограничен полициски час поради студентските испити за да се спречи ширењето на коронавирусот, по порастот на нови случаи после повторното отворање на многу компании. Гувернерите на Истанбул, Анкара и Бурса најавија дека маските ќе бидат задолжителни врз основа на препораките на научниот советодавен совет. Маските сега се задолжителни во 47 од вкупно 81 провинции во Турција. Министерството за внатрешни работи соопшти дека полициски час ќе биде воведен утре и следниот викенд, кога студентите во цела Турција ќе полагаат испити. Министерот за здравство Фахретин Коча преку Твитер порача дека во сила ќе биде „ограничен полициски час“, во траење од неколку часа за да се спречат собири. Загрижените родители и студенти побараа испитите да бидат одложени поради пандемијата на Ковид-19. Турција бележи пораст на бројот на нови позитивни случаи на Ковид-19, а Министерството за здравство соопшти дека во текот на минатиот месец, дневниот број на нови случаи е околу 600 само во Истанбул, кој е најнаселен град во земјата со 15 милиони жители. Од почетокот на епидемијата се потврдени повеќе од 184.000 случаи во Турција, а починале 4.882 лица.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.