Во Хрватска бројот на новозаразени од коронавирус од три, колку што беше вчера, денеска се зголеми на 11 лица.
Новото жариште е во Загреб, во Институтот „Хрвоје Пожар“, а нови случаи се пријавени и во Истра, Сплит и Солин.
Директорот на Институтот, Дражен Јакшиќ изјави дека појавата на коронавирусот во Институтот е резултат на еден потврден позитивен случај, кој е вработен во таа установа.
Јакшиќ вели дека пациентот бил на Институтот на 5 јуни, подоцна развил симптоми и не дошол на работа, а потврдата дека е позитивен ја добил во текот на вчерашниот ден. Состојбата, како што рече, му е стабилна.
Епидемиологот Бернард Каиќ од Хрватскиот завод за јавно здравје за ХРТ исто така потврди дека во Хрватска повторно е забележана локална трансмисија.
Каиќ рече дека повеќето нови случаи во Хрватска се увезени од странство, освен еден случај во Загреб.
– Најверојатно бил заразен од некој што дошол од странство и тоа пред две недели … Вирусот циркулира веќе две недели, но само што дознавме, рече Каиќ.
Според него, тоа е последица на преголемо опуштање на граѓаните и непочитување на препораките за спречување на ширењето на заразата.
– Имам впечаток дека луѓето се однесуваат како да нема коронавирус, а во последните денови секојдневно имаме регистрирани од странство, рече Каиќ.