Во Штип денеска на изборите за градоначалник на Општина Штип правото на глас го остваруваат болните и немоќни лица, осудениците во петте казнено-поправни институции и станари на геријатриските домови во земјава, кои се жители на Општина Штип.
Претседателката на Општинска изборна комисија (ОИК)-Сенка Андреева вели дека денеска избирачките одбори ќе посетат 66 болни и немоќни лица во нивните домови.
-Формирани се пет избирачки одбори, кои од 7 часот ги отвараат гласачките места во Казнено-поправните институции, односно Затворите. Гласачките места во затворите ќе се затворат во 19 часот. Правото на глас можат да го исполнат 67 осуденици, кои се жители на Штип. Имаме и две лица пријавени во геријатриски домови, кои исто така ќе бидат посетени од страна на избирчаките одбори, вели Андреева.
Во текот на вчерашниот ден право на глас го искористија 12 ковид болни и лица кои се во изолација. Општинската изборна комисија ангажираше два медицински избирачки одбори, кои со заштитна опрема и според протоколите им овозможија да гласаат во своите домови.
Вкупниот број на гласачи е 41.777, а за да бидат успешни изборите на 13 декември треба да гласаат една третина од запишаните избирачи или своето право на глас да го остварат 13.996 граѓани. Андреева вели дека доколку не се исполни цензусот, во тој случај повторно ќе треба да се распишуваат избори за градоначалник на Штип.
На 13 декември 77.те избирачки места се отвараат во 7, а се затвараат во 19 часот. На избирачките места ќе се прави и дезинфекција, со цел заштита на гласачите, но и на членовите на ибирачките одбори.
Жителите на Штип своето право на глас можат да го искористат за еден од петмината кандидати за градоначалник.