Врската меѓу сестрите е посебна и нераскинлива: Најдобри пријателки за цел живот

Кој има сестра, има најдобра пријателка и поддршка за целиот живот. Тоа сме го слушнале безброј пати, но вистинското значење на овие зборови многумина го сфаќаат дури кога ќе го созреат. Односот меѓу сестрите е посебен и нераскинлив. Уште од детството ги делат своите тајни, се радуваат на успесите во училиште, заедно го пребродуваат разочарувањето од првата љубов, со заеднички сили минуваат низ тагата и тешките мигови… И кога се расправаат, тоа секогаш завршува со прегратка и помирување.
Грижата, стравот и поддршката никогаш не престануваат. Кога ќе пораснат и ќе основаат свои семејства, сестрите остануваат поврзани една со друга како безусловни сојузници, кои се поддржуваат во предизвиците и борбите што ги наметнува животот. Бидејќи никој не може подобро да ве сослуша, разбере и да ве посоветува. Но, дали сестринските односи се идеални во секое семејство?
Врската меѓу сестрите е посебна и нераскинлива: Најдобри пријателки за цел живот
Психологот и психотерапевт Љубица Богетиќ нагласува дека секоја личност е различна, така што и секој однос е различен. Дали сестрите ќе бидат блиски и подоцна во животот, многу зависи од воспитувањето и околината во која тие пораснале.

„Односите помеѓу сестрите можат да бидат сосема различни, од многу блиски до ривалски и непријателски. Обично, како што изгледа на почетокот, таков ќе биде односот целиот живот. Ако добрата врска се воспостави во детството, со текот на времето таа може да се изградува и да стане уште подобра. Ако постои љубомора, која трае подолго време и околината ја засилува, обично во помала или поголема доза таа останува и кога сестрите ќе пораснат. Овде не мислиме на вообичаената детска љубомора, што е нормална појава кога ќе се роди помладиот брат или сестра, туку на подлабоко чувство на љубомора што трае многу подолго“, вели Богетиќ.
Конфликти и ривалства
Сестрите ги спојува заедничката судбина, сличното детство, проблемите што ги делат со своите родители… Сето ова ја прави нивната врска посебна. Многумина не се свесни за тоа додека не се соочат со потешките фази од животот кога сфаќаат колку е важно да се има некој со кого може се да сподели таков товар.
„Ако има мала разлика во годините, тие имаат заеднички интереси, и кога ќе пораснат многу полесно ги споделуваат животните проблеми помеѓу себе отколку со другите членови на семејството“, вели нашиот соговорник. „Сестрата може да ги довери и своите ‘најдлабоки’ тајни на својата сестра, додека на братот, иако знае дека ја сака, таа не може. Жените често сакаат да разговараат за емоциите и проблемите, додека мажите се позатворени за ова прашање, но исто така се и попрактични за нивното решавање. На жените им е потребно некој да ги сослуша и да ги разбере, затоа тој однос е посебен.“


Што може да ги наруши сестринската љубов, грижа и приврзаност? Зошто меѓу нив се појавуваат конфликти и ривалства, и дали е можно тоа да се надмине со текот на времето?
„Ако постоеле грижа и приврзаност, тие ќе останат. Постојат ситуации кога ривалството е толку силно што до крајот на животот не може да се воспостави нормален однос. Но, постојат и такви личности кои со текот на времето созреваат, професионално се остваруваат и основаат семејство, па тогаш почнуваат и повеќе да ја разбираат својата сестра којашто претходно ја гледале како ривал. За тоа е потребно работење на себе, емпатија и самокритичност.
Често, односите меѓу сестрите се подобруваат кога и двете ќе изградат семејства и ќе имаат деца. Тогаш тие не се само сестри туку и тетки со посебна улога во одгледувањето на децата. Родителите, како и околината, можат да имаат големо влијание врз односот меѓу браќата и сестрите. Ако таткото и мајката претерано го фаворизирале едното дете во однос на другото, чувството на љубомора е логично и оправдано. Често несвесно повеќе се реагира кон помалото дете, особено ако е посимпатично и ‘послатко’ што на постарото дете му влева несигурност. Постарите деца го чувствуваат и го гледаат тоа однесување како неправда. Постарото дете коешто дотогаш го имало целото внимание, одеднаш почнува да го обвинува новороденото бебе. Тогаш децата во нивната незрелост може да заклучат дека нивните родители повеќе би ги сакале кога бебето воопшто не би се родило.“
Најубавиот родителски подарок
Несигурноста и фрустрацијата на детето може да се предизвика и ако другото дете е поуспешно. Дури и ако родителите покажуваат поголема благонаклонетост кон поуспешното дете, тоа сигурно може да биде причина за појава на ривалство. Психологот Љубица Богетиќ истакнува дека сестрите треба да бидат повеќе од најдобри пријателки, бидејќи со своите другарки ги споделуваат нивните врснички проблеми, но со сестрата и семејните.
„Ако се воспостави блискост помеѓу сестрите, тие навистина може да бидат најдобри другарки. Тие растат во исто семејство, со истите родители, маки, проблеми и радости, и тоа е она што ги одделува од другите врски. Дури и кога односот помеѓу родителите не е добар, ситуацијата полесно се поднесува со брат или сестра. Пријателите тешко можат да ја разберат средината во која некој друг расте. Но, вашата сестра или брат можат, затоа што се во истото семејство. Така е и многу полесно да се делат должностите, одговорностите и оптоварувањата отколку да се биде сам и да го носите сѐ на свој грб. Затоа најдобар дар што родителите можат да им го остават на своите деца е да им дадат брат или сестра.“
Сестрите кои се во блиски односи од детство и потоа во подоцнежните години од животот, одржуваат добри семејни врски. Дали се работи за уште една специфичност на сестринските односи?
„Честопати, оние што се блиски, одржуваат добри односи и кога градат свое семејство“, вели Љубица Богетиќ. „Иако не биле во одлични односи, тие го коригираат тоа кога и двете ќе бидат задоволни од изборот на својот партнер и кога ќе бидат во улога на мајка. Ривалството во ваков случај често се намалува. Сепак, постојат и такви односи каде што ова не е случај, и ривалството продолжува преку докажување во второстепеното семејство. Нема правило, односите се жива работа и се подложни на менување доколку постои заедничка волја и желба.“
Разлика во годините
Разликата во годините, исто така, може да влијае на сестринскиот однос во детството, но и во подоцнежната фаза од животот.
„Ако разликата е помала, на почетокот има поголема љубомора, но сестрите во ваков случај и многу повеќе се дружат, бидејќи имаат исти интереси и исто друштво. Доколку разликата е поголема, може да има помалку љубомора затоа што и двете на почетокот се посебни индивидуи, но интересите им се сосема различни и тие не ги делат важните моменти во детството, туку растат како посебни единки. Постарото дете обично ја има функцијата на грижа за помалото, па затоа добива чувство дека е поискусно, дека тие не се еднакви, што продолжува низ целиот живот. Ако односот е добро воспоставен во детството, може да биде уште подобар во зрелоста. Сестрите обично ги споделуваат семејните проблеми и нивните лични и емоционални дилеми“, вели Љубица Богетиќ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.