Заменик американскиот државен секретар Џон Саливан денеска во Скопје се сретна со македонскиот државен врв и со македонски пратеници, но не и со лидерот на опозициската ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Во ВМРО – ДПМНЕ потврдуваат дека Мицкоски не бил поканет на средба со високиот гостин.
Вториот човек на американската дипломатија остави порака дека за Македонија нема друга алтернатива освен членството во НАТО, дека по имплементација на договорот од Преспа ќе се зајакне безбедноста и ќе се намали штетното влијание на Русија во регионот, но остана нејасно зошто на агендата на високиот дипомат од САД не беше предвидена средба со Мицкоски, туку само со Никола Мицевски, коодринаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.
Партиски извори во ВМРО – ДПМНЕ велат дека заменик државниот секретар на САД дојде во земјава во пресрет на уставните измени и во поддршка на преспанскиот договор, а со оглед на тоа што ставот на опозициската партија за тоа прашање е добро познат, се претпоставува дека оттаму високиот гостин претпочитал да се сретне со координаторот на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ во Собранието, каде што до средината на јануари се очекува да се заокружат измените на Уставот, а кои предвидуваат и промена на уставното име.
Инаку, Саливан денеска се сретна со премиерот Зоран Заев, со претседателот Иванов, со собранискиот претседател Талат Џафери, со министерот Никола Димитров и со координаторите на пратеничките групи во законодавниот дом.
Во фокусот на сите остварени средби беше имплементацијата на договорот од Преспа и евроатланската интеграција на Македонија.
Кон средината на октомври кога во посета на земјава беше и заменик помошникот на државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер, тој исто така не се сретна ниту со Мицкоски, ниту со Иванов. Палмер рече дека со лидерот на ВМРО ДПМНЕ не се видел и дека за тоа нема потреба, бидејќи, се што требало да му биде пренесено и се што требало да се каже било содржано во писмото што Вес Мичел, американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија му го прати на Мицкоски.
Во писмото, како што е познато, Мичел, напиша дека САД се разочарани од позициите на челниците на ВМРО-ДПМНЕ, во однос на референдумот и во врска со чекорите во Собранието за промена на Уставот.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.