Вучиќ: да го застанавме, тоа би било киднапирање на Груевски од наша страна

Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во емисијата “Кирилица“ на ТВ “Хепи“ потврди дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски влегол во Унгарија од Србија на граничниот премин Хоргош. Тој, исто така, додаде дека Груевски влегол со уредни документи, дека во тој момент немало распишана потерница по него и дека српските власти постапиле според законот, отфрлајќи ги тврдењата дека Белград му помогнал да избега во Унгарија и дека тој лично е вмешан во бегството на поранешниот македонски премиер. Според него оние кои велат дека за случајот Груевски треба да се прашаат Албанија, Црна Гора и Србија, всушност треба да се прашаат како Груевски ја напуштил Македонија, дали тогаш земјата го гонела или не.
„На 11.11. вечерта, ние немавме никакви официјални информации, некаде меѓу 1 и 2, лицето Никола Груевски влегува на територијата на Албанија, легитимирајќи се и во придружба на две лица од унгарска националност. Потоа влегува во Црна Гора на преминот Божај, повторно со регуларни документи и со пропусница издадена во унгарската амбасада во Тирана.
Потоа влегува во Србија со регуларна лична карта и во придружба на двете лица, по што на 12.11 во 5.11 часот ја напуштил Србија на преминот Хоргош со пропусница бр. 100.501 издадена во Тирана, со лична карта и во придржба на лица со дипломатски документи и со дипломатско возило”, наведува тој  додавајќи дека во тој момент немало никаква потерница за Груевски.
,,Дури на 13.11 во 19,35 часот од Интерпол Скопје ни е испратена потерница. Значи да го застанавме, тоа би било киднапирање на Груевски од наша страна”, рече Вучиќ и додаде дека
се е направено во рамките на законот.