Албин Курти сака да владее и во Македонија, вели српскиот претседател Александар Вучиќ. Во изјава за српските медиуми од Њујорк, Вучиќ вели дека намерата на косовскиот премиер е да ги победи ДУИ и по парламентарните избори да биде дел од власта во земјава.
„Сака да владее и со Македонија. Да сериозно, сака да го победи Али Ахмети и ДУИ за да владее во Македонија после мајските избори“, рече Вучиќ, пренесува 360 степени.
Дилемата за можно учество на партијата на Курти на изборите во Македонија настана кон крајот на декември откако трите опозициски партии на Албанците обединети во „Европскиот сојуз за промени“ најавија дека на нивните листи ќе има имиња на партијата на Албин Курти – Самоопределување.
Претседателот на Демократското движење, Изет Меџити, на отворањето на заедничките канцеларии на коалицијата „Европски сојуз за промени“, информира дека изборната програма се работи заедно, канцелариите се заеднички, кампањата ќе биде заедничка и на изборните листи на оваа коалиција ќе има претставници на Самоопределување.
„Од денеска Европскиот сојуз за промени се состои од четири политички партии. Тоа значи дека во овие четири е и Самоопределување, тие ќе бидат дел од пратеничките листи, значи ќе има член, претставник на Самоопределување“, рече Меџити.
Курти пак при претходната посета на Скопје не спомна поддршка на следните избори за опозициските партии на Албанците, иако тие, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“, на крајот на декември минатата година се пофалија дека добиле уште еден поддржувач, партијата Самоопределување на Албин Курти.
„Движењето Самоопределување не е регистрирано во Македонија. Ние имаме активисти, имаме и службеници на нашиот политички субјект во Косово кои доаѓаат од Македонија, меѓутоа овде немаме регистриран центар на Самоопределување. Затоа и ние како Самоопределување нема да учествуваме тука. Јас посакувам да има што поголемо учество на изборите бидејќи тоа придонесува за демократијата“, рече Курти.
Според Изборниот законик забрането е учество на странски партии. Но во врска со оваа дилема од Државната изборна комисија за „360 степени“ кон крајот на минатата година рекоа дека странска партија не може да учествува на избори во Македонија, иако нејзини претставници, хипотетички гледано, доколку имаат македонско државјанство, односно двојно државјанство, и ги исполнуваат условите пропишани со Изборниот законик, можат да бидат кандидати за пратеници.