Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вечерва ги прими учесниците на Олимписките игри и членовите на нивните стручни штабови во зградата на Генералниот секретаријат на претседателот.
На приемот присуствуваа и „златните“ ватерполисти и стрелци Зорана Аруновиќ и Дамир Микец, „сребрената“ таеквондистка Александра Перишиќ и „бронзените“ кошаркари.
Претседателот ќе го прими и прославениот српски тенисер, освојувач на златниот медал на Олимписките игри во Париз, Новак Ѓоковиќ пред најавениот пречек на српските олимпијци во Белград, дознава Танјуг.
Ѓоковиќ во Претседателството ќе дојде придружуван од Виктор Троицки, кој му беше тренер на Олимписките игри во Париз.
Најдобриот светски тенисер потоа ќе се придружи на пречекот на олимпијците на терасата на Градското собрание во 20 часот, потврдија за агенцијата Танјуг.
Покрај претседателот, на приемот се очекува да се обратат и претседателот на Олимпискиот комитет на Србија, Божидар Маљковиќ и капитенот на српската ватерполо репрезентација Никола Јакшиќ.
Потоа ќе му биде врачен подарок на претседателот на Републиката.
Владата на Србија на вчерашната седница донесе одлука за награда на членовите на машката ватерполо репрезентација на Србија во износ од 200.000 евра во противвредност на динари за златниот медал освоен на Олимпијадата во Париз, а исто толку му беше доделен и на нивниот тренер.
За спортски резултати – сребрениот медал освоен во олимписката дисциплина теквондо на Олимпијадата во Париз, на Александра Перишиќ и нејзиниот тренер им беше доделена награда во износ од по 100.000 евра во динари, додека на машката кошаркарска репрезентација, според одлуката на Владата на Србија, за освоениот бронзен медал добиле награда од по 60.000 евра во динари.
Иста сума доби и тренерот на српската кошаркарска репрезентација.
Владата на Србија донесе претходна одлука за доделување парична награда од по 200.000 евра на Новак Ѓоковиќ и неговиот тренер за златото на Олимписките игри во Париз.
На освојувачите на олимписки медали во 20 часот ќе им биде приреден свечен пречек пред Стариот дворец во Белград.
Српскиот тим на Олимписките игри вклучуваше 115 спортисти, кои освоија пет медали.