Според неговите тврдења, во рамки на оперативните дејствија што се преземаат од страна на службите во МВР било утврдено дека едно од предметните лица кои се приведени е барано со потерница и тоа беше соопштено во текот на вчерашниот ден
Вчера беа приведени две осомничени лица за кои се претпоставуваше дека се поврзани со вооружениот настан во Арачиново, рече министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, со што ги демантираше денешните тврдења на неговиот колега, дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој денеска негираше дека се уапсени лица што се поврзани со оваа пресметка.
„За жал, од страна на одредени политички функционери во рамки на оваа држава се демантираат работи коишто никогаш не биле кажани ниту од мене ниту од страна на мојот тим, ниту од страна на кабинетот на министерот за внатрешни работи. Вчера беше посочено дека одредени осомничени лица се приведени во врска со предметниот настан“,
рече Тошковски.
Според неговите тврдења, во рамки на оперативните дејствија кои се преземаат од страна на службите во МВР било утврдено дека едно од предметните лица кои се приведени е барано со потерница и тоа беше соопштено во текот на вчерашниот ден. Лицето како такво ќе биде процесирано согласно законот.
„Не би сакал да говорам во детали кои би можеле да загрозат било каква истрага и многу внимавам кои поими и термини ги користам“,
додаде Тошковски.
Надлежните во рамки на сите институции што даваат информации во јавноста, Тошковски ги повика да го направат истото, односно да се внимава што се зборува во јавноста, со цел да не се наштети на истрагата.
Вчера од Јавното обвинителство информираа дека полицијата сè уште трага по напаѓачот што во понеделникот попладне во скопско Арачиново со автоматска пушка пукаше кон градоначалникот на Општината, Ридван Ибраими, и кон уште неколку лица, притоа ранувајќи двајца кои за време на престрелката биле заедно со градоначалникот на општината. Ибраими не е меѓу повредените, а тоа денеска го потврди и Бојмацалиев.
Двајцата повредени, едниот со прострелни рани во градниот кош, а другиот во десното рамо, се пренесени на натамошно лекување во Ургентниот центар во Скопје и во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.