Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант вчера го предупреди Иран дека може да заврши како Газа или Бејрут доколку се обиде да му наштети на Израел.
„Иранците не ги допреа можностите на нашите воздухопловни сили, ниту еден авион не е оштетен, ниту една ескадрила не е ставена надвор од акција“, рече Галант, мислејќи на неодамнешниот ирански ракетен напад врз Израел.
„Кој мисли дека обичниот обид да ни наштети ќе не одврати од преземање акција, треба да ги погледне нашите достигнувања во Газа и Бејрут“, додаде Галант, пренесе „Франс прес“.
Иран соопшти дека ракетниот напад во вторникот погодил две израелски воздушни бази како одговор на убиството на лидерот на либанскиот Хезболах Хасан Насрала и иранскиот генерал Абас Нилфорушан во нападот врз Бејрут на 27 септември.
Галант ја посети воздухопловната база Неватим во пустината Негев, која е погодена од ирански ракети.
Експерт кој анализира сателитски и снимки од социјалните мрежи рекол дека базата била директно погодена 32 пати, пренесува Бета.
Во меѓувреме јужните предградија на Бејрут вчера беа цел на нови израелски воздушни напади, а нападите врз тоа упориште на Хезболах претходната ноќ беа најголеми досега, објави официјалната либанска новинска агенција.
Дописникот на Би-би-си ги опиша нападите како најголеми на либанската престолнина од почетокот на засилените судири меѓу израелската армија и проиранскиот Хезболах, кои разменуваат оган преку границата од 8 октомври минатата година, денот кога израелската војна со палестинскиот Хамас започна во Газа.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека целеле локации во Бејрут за кои велат дека содржат складишта за оружје за либанската група Хезболах и друга „терористичка инфраструктура“.
Либанската група Хезболах објави дека истрелала ракети врз израелските војници во населбата Ал-Манара и неговата околина на северот на Израел, како што рече, „знак за поддршка на палестинскиот народ и одбраната на Либан“.
ИДф, исто така, објавија дека силите се засилени околу Појасот Газа, во пресрет на првата годишнина од нападот на палестинскиот Хамас, кој ја предизвика војната меѓу Израел и таа исламистичка организација. Воени извори велат дека иако Хамас е во голема мера уништен како воена организација, неговите оперативци сè уште можат да извршат ракетни напади од Газа, можеби дури и во централен Израел.