Мисијата на „Алкалоид“ е комплементарна со таа на „Црвен крст“
Генералниот директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, беше говорник на панел-дискусијата насловена „Градење на здраво и безбедно општество и потребата од ефикасно мобилизирање на ресурси за одговор на современите хуманитарни предизвици“, во рамките на настанот насловен „Трансформација 28“, во организација на „Црвен крст на РСМ“. На темата за досегашната соработка и за корпоративните модели за општествена одговорност кои би биле делотворни во рамките на процесот „Трансформација 28“, Мукаетов ги истакна реализираните активности на компанијата во соработка со „Црвен крст“, потенцирајќи го виталното значење на оваа организација, особено во делот на брз хуманитарен одговор во општеството.
„За нас како компанија и за мене како поединец ‘Црвениот крст’ е синоним за хуманост, солидарност, човечност и поддршка. Место од каде се подава рака на секого кому му е потребна помош, отворена врата за најранливите општествени слоеви и стартна позиција на секој поединец или компанија кои сакаат да бидат општествено одговорни“, истакна Мукаетов.
- Штекли по стапките на Фидел Кастро кој преживеал 683 обиди за атентат
- Израелската армија им порача на жителите јужно од Бејрут да се евакуираат пред нападите
- Нови 67 случаи на грип во Македонија, вакцинирани вкупно 62.332 лица
- Тимот на Трамп сoставува црната листа
- Затварање на ФБИ, отпуштање на вработените! Протече неверојатен план: Што сака да направи Илон Маск? Прагматичните потези на супергенијот го запрепастија светот (фото)
Изминативе години „Алкалоид“ има спроведено повеќе активности во соработка со „Црвен крст на РСМ“ и со „Црвен крст на Град Скопје“, како во делот на социјално-хуманитарната дејност така и на полето на крводарителството. Во рамките на компанијата повеќе од 50 години активно фунционира Друштвото на крводарители, а само во последните 15 месеци „Алкалоид“ организираше три крводарителски акции, во чии рамки беа собрани повеќе од 400 единици крв. Покрај тоа, во 2013 година „Алкалоид“ го помогна реновирањето и ребрендирањето на Дневниот центар за дарување крв и континуирано дава придонес во неговото тековно функционирање. Во компанијата изминатиот период беа спроведени и две масовни акции за донирање облека на неколку собирни пунктови на трите локалитети на „Алкалоид“, кои резултираа со собрани повеќе од 3000 килограми облека со добра употребна вредност.
Проектот „Водич во болница“ е, исто така, еден од општествено корисните проекти спроведени во соработка со „Црвен крст“, инициран во 2019 година, а кога станува збор за елементарните непогоди во земјава и во регионот, по апел на „Црвен крст“, „Алкалоид“ сесрдно дава своја поддршка и придонес. Бездомниците, бегалците и мигрантите се, исто така, многу горливи категории, при што компанијата помага во смисла на одржување и на задржување на интегритетот на луѓето кои против своја волја биле принудени да живеат поинаку. Една таква поголема акција наменета за овие ранливи категории, во рамките на „Алкалоид“, беше спроведена во 2015 година, кога на организираниот хуманитарен пикник, отворен за сите вработени во компанијата, беа собрани повеќе од 750.000 денари, кои му се донираа на „Црвен крст“. Проект кој компанијата ќе го започне периодов е партнерството со организацијата во новиот сервис „Црвен крст – санитетски транспорт за лицата во трето доба“.
Општествената одговорност е нераскинлив дел од деветдецениската историја и традиција на „Алкалоид“. Компанијата и Фондацијата „Трајче Мукаетов“ на разни начини помагаат во развојот на македонското здравство и фармација, културатa, на спортот, образованието и на другите сфери од поширокото опшествено опкружување.
„Помагањето на луѓето на кои им е потребна помош ќе нè направи побогати за едно убаво искуство, а тоа е сознанието дека сме направиле добро дело. Хуманоста, човековата солидарност, емпатијата, меѓусебното разбирање, а во исто време и почитувањето на различностите кај луѓето се вредности во кои јас сум бил воспитуван и кои ги пренесувам на моите деца“, истакна Мукаетов на крајот на своето обраќање.
На панел-дискусијата учествуваа и министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити; министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска; претседателот на „Црвен крст на Република Србија“, д-р Драган Радовановиќ, и Армен Грегоријан, постојан претставник на УНДП во земјава. Развојната рамка на „Црвен крст на РСМ“ „Трансформација 28“ најави реформи и реорганизација на националното друштво, таргетирајќи четири области: реорганизација на инфраструктурата, односно на организациската поставеност на „Црвен крст“, културолошка трансформација, дигитализација, како и реорганизација на програмите на „Црвен крст“.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.