Германското Министерство за одбрана денеска презентираше предлог за враќање на доброволната воена служба за зајакнување на ослабените германски вооружени сили.
Овој предлог е дел од промените во насока на зајакнување на надворешната и одбранбената политика, што канцеларот Олаф Шолц ги најави деновите по руската инвазија на Украина во февруари 2022 година како „епохален пресврт“, пренесува Ројтерс.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека од сите мажи од 18-годишна возраст ќе се бара да пополнат прашалник за да се процени нивната способност и интерес за воена служба, додека за жените тоа ќе биде изборна можност.
Овој нов модел има за цел да го зголеми бројот на млади луѓе кои служат доброволна воена служба на 15.000 годишно, што би ја зајакнало резервата во случај на војна, соопшти германското Министерство за одбрана.