Глобалното производство на нафта опадна нагло за 1,4 милиони барели дневно (bpd) во јануари до просечни 101,45 милиони bpd, според последниот месечен извештај на Меѓународната агенција за енергија (IEA).
Според проценките на ИЕА, екстремните мразови во Северна Америка доведоа до намалување на производството во САД за 540.000 барели дневно и во Канада за 360.000 барели дневно.
Производството на нафта беше намалено за уште 300.000 барели на ден поради доброволните намалувања на производството на кои беа обврзани членовите на картелот ОПЕК +.
Нападите на јеменските Хути врз бродовите во Црвеното Море, исто така, извршија притисок врз пазарот, се додава во извештајот.
ИЕА предвидува дека глобалното производство на нафта ќе се зголеми за 1,7 милиони барели дневно до рекордни 103,8 милиони барели дневно во 2024 година, а 95 отсто од зголемувањето на понудата ќе биде обезбедено од земјите кои не се членки на ОПЕК +.
Лидери во зголемувањето на производството ќе бидат САД, Бразил, Гвајана и Канада, наведе ИЕА, пренесува Танјуг.