Повеќе од 1.000 полицајци и пожарникари се повредени во протестите и немирите низ Франција, соопшти во неделата министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин за тамошните медиуми.
Франција е опфатена со штрајкови и протести откако претседателот Емануел Макрон и Владата ги истуркаа плановите за зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.
Жералд Дарманин за францускиот весник Journal du Dimanche изјави дека 1.093 полицајци и пожарникари биле повредени од избувнувањето на протестите во март. Покрај тоа, имало 2.579 вооружени инциденти и 316 напади на јавни згради, соопшти тој за неделникот објавен во недела.
Тој не даде детали за повредените демонстранти, но кажа дека 36 полицајци се под истрага поради сомневање за прекумерна употреба на сила.
Министерот ги отфрли обвинувањата дека полицајците биле агресивни кон демонстрантите и дека употребиле непропорционална сила.
„Правото на протест не го вклучува правото на насилство“, изјави тој.
„Полицијата мораше да интервенира кога инаку мирните протести станаа насилни“, тврди Министерот во интервјуто за неделникот.
Тој кажа дека полицијата може легитимно да покаже сила и, како што кажа, понекогаш да постапува грубо, но со тоа одговара на крајно насилните напади на „професионалните“ бунтовници чија цел е уништување имот и убивање на полицајци.
Протестите, кои беа мирни неколку недели, додека станаа насилни на 16. март кога Владата ја протурка контроверзната реформа без гласање во парламентот.
Уставниот совет се уште ја разгледува реформата и нема донесено одлука по ова прашање.
Синдикатите повикаа на 10-ти национален ден на штрајкови и протести во четврток, а Владата не покажува знаци на повлекување.
Штрајковите продолжуваат да го нарушуваат јавниот живот во Франција. На неколку места е загрозен авиосообраќајот и снабдувањето со гориво на бензинските пумпи.
Пронајдете не на следниве мрежи: