За време на посетата на папата Франциск, пациентите од целата држава непречено ќе ги добијат сите потребни здравствени интервенции и со посебен план на Министерството, соодветно ќе се одговори на сите итни медицински потреби на граѓаните, информира Министерството за здравство.
Клиничкиот центар “Мајка Тереза“ во Скопје ќе биде прилагоден на посебните меѓународни стандарди кои се применуваат во сите земји кои ги посетува папата, со цел најпрофесионално и најбрзо да се одговори на евентуални медицински потреби на високата делегација предводена од папата.
Истовремено Министерството за здравство изработи посебен план со кој ќе им овозможи непречена здравствена заштита на сите граѓани кои ќе имаат потреба.
– Согласно Посебниот план, апелираме до сите граѓани да се упатуваат во Градската општа болница “8 Септември”(поранешна Воена болница), за сите здравствени потреби, како и во Клиниката за хируршки болести “Св. Наум Охридски“ (поранешна Градска болница) за сите потреби поврзани со дигестивна хирургија, трауматологија, ортопедски болести, реанимација и интензивно лекување, урологија и неврохирургија. Овие здравствени установи ќе бидат со полн капацитет и полна мобилност тој ден, со цел да одговорат на потребите на граѓаните.
Клиничкиот центар останува отворен, што значи дека сите граѓани со итни потреби до кои нема да стигне апелот за користење на болниците “8 Септември“ и “Св. Наум Охридски“ и кои сепак ќе се упатат кон Клинички, ќе бидат прифатени и ќе добијат интервенција.