Поранешниот премиер Никола Груевски денес пред да влезе во Основниот суд Скопје 1 го прими упатниот акт за да оди во затвор. Осудениот поранешен премиер има рок до 8 ноември доброволно да замине во затворот во Шуто Оризари за издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк” за набавката на луксузниот мерцедес вреден 660.000 евра.
Информацијата ја потврдуваат и од Основниот суд Скопје 1 од каде дополнуваат дека на осудениот Груевски од денес му тече рокот од 13 дена да се јави на издржување на затворската казна.
“Заради интерес на повеќе медиуми, ја потврдуваме информацијата дека
денеска, пред судењето за предметот од обвинителствот означен како
“Траекторија”, на еден од осудените лица со правосилно потврдената
пресуда од страна на Апелациониот суд – Скопје, за предметот од
обвинителството означен како „Тенк”, по претходно неуспешен обид да му
биде доставен на домашна адреса, во судот му беше врачен упатениот акт,
изготвен од судија за извршување санкции, во кој е наведен максималниот
рок од 13 дена до кога треба да се јави на издржување на правосилно
потврдената санкција”, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1.
Поранешниот премиер Груевски од судијката Добрила Кацарска беше осуден со првостепена пресуда на казна затвор од 2 години за набавката на луксузниот мерцедес. Оваа пресуда беше потврдена и од Апелацискиот суд во Скопје. Против него се водат уште неколку судски постапки во кои постапува СЈО.