Островот Келифос, познат и како Островот на желките е еднa од главните туристички атракции којa се наоѓа во близина на Неа Мармарас во Грција, а истата се продава за неверојатни 10 милиони евра.
Островот кој се наоѓа помеѓу двата полуострови на Халкидики – Ситонија и Касандра, има површина од 70 хектари, од која дел е во сопственост на три семејства (15 хектари), а остатокот е во сопственост на општината.
Келифос го добил прекарот Островот на желките затоа што потсетува на ова животно по својот изглед. Во огласот се наведува дека островот се наоѓа во заливот Торонеос, а од Неа Мармарас е оддалечен 6 километри.
“Дневно го посетуваат повеќе стотици туристи кои се капат во кристално чистото море на заливот на југозападната страна. Дозволена е станбена изградба, како и изградба на хотел со капацитет до 100 кревети”, се истакнува во огласот.
Оваа информација е објавена на Фејсбук страницата “Live from Greece”, а неговата цена е вистинска ситница, секако, доколку имате 10 милиони евра.
Многу корисници на социјалните мрежи се пошегувале дека островот ќе биде нивен “само да соберат пари”, а други пак истакнале дека цената треба да се спушти бидејќи на островот нема “Лидл”, алудирајќи на балканските туристи кои во текот на летувањата во Грција задолжително мора да го посетат овој познат супермаркет.