Земјоделците најавуваат дека блокада, како и секоја вечер, ќе има и денеска од 19 до 21 часот по македонско време. Но, доколку е потребно да се олабави сообраќајот за да не се создаваат колони, како што е впрочем пракса, и вечерва периодично ќе го отвораат преминот за да поминуваат возилата
За утре напладне, земјоделците од северниот дел на Грција, најавија дека ќе има протест на граничниот премин „Евзони“ кон Северна Македонија и оти ќе биде блокиран сообраќајот.
Во изминатите денови, по големиот протест во вторникот во Атина, кога земјоделците рекоа дека секој блок посебно ќе ги одреди своите чекори, оние од северна Грција остануваат најактивни и секојдневно во периодот меѓу 20 и 22 часот по локално, односно меѓу 19 и 21 часот по македонско време периодично го затвораат граничниот премин „Евзони“.
Претседателот на земјоделското здружение од областа Пеониа, Томас Карипидис, кој воедно и ги предводи активностите на граничниот премин вели дека на „Евзони“ во моментов се паркирани околу 100 трактори и пет комбајни и открива детали за утрешниот протест.
„Утре ќе се одржи голем земјоделски собир на граничниот премин ‘Евзони’ со учество на активните блокови од областа централна Македонија, но ќе дојдат и други, од подалеку. Ќе започне околу 13-13:30 часот и ќе заврши според тоа колку говори ќе има, немаме одредено време кога ќе заврши, но сигурно ќе трае два-три часа“,
вели Карипидис во разговор со дописничката на МИА од Атина.
Во периодот додека е во тек собирот се очекува да биде блокиран и сообраќајот на возила.
„Секако дека ќе биде затворен граничниот премин, ќе има многу народ, ќе биде големо учеството со земјоделски возила“,
додава претседателот на земјоделското здружение, објаснувајќи дека блокадата ќе трае сè додека не заврши протестот.
Блокада, како и секоја вечер, ќе има и денеска од 19 до 21 часот по македонско време. Но, Карипидис вели дека доколку е потребно да се олабави сообраќајот за да не се создаваат колони, како што е впрочем пракса, и вечерва периодично ќе го отвораат преминот за да поминуваат возилата.
Земјоделците повеќе од еден месец бараат од Владата да ги исполни сите нивни барања поврзани со зголемените трошоци за производство, а иако на средбата со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред десетина дена им беа соопштени дополнителни мерки, изразија незадоволство и продолжија со активностите, кои кулминираа со големиот протест во Атина.