Договорот од Преспа е добар и за двете страни, па дури и политичари од партиите кои јавно се против признаваат дека не можеше да се постигне нешто подобро.
Ова го изјави новинарот од грчката државна телевизија ЕРТ, Фанис Папатанасиу, кој долги години го следи спорот со името, а на 5 јули направи интервју со македонскиот премиер Зоран Заев.
Папатанасиу коментира дека договорот беше постигнат преку тежок процес, по големи преговори, и со многу труд и драма и од двете страни, поради реакциите и поларизацијата на народот.Сметам дека договорот е добар и за Грција и за Скопје.
Дури ако некој поразговара со политичари од партиите како што се Нова демократија и Независни Грци кои што се занимаваат со прашањето, го знаат и го следат прашањето, ќе признаат дека е добар договор и тие самите да беа влада истото ќе го стореа. Немаше да направат нешто поразлично, можеби на различен начин ќе ги водеа преговорите, но сметаат дека резултатот е еден многу добар договор што никој немаше да може да посигне нешто подобро во овие околности. – вели Папатанасиу.
Новинарот од ЕРТ открива дека во целиот процес, уште од самиот почеток значајна улога одиграле американците, но и политичките раководства во двете земји, како на ниво на шефови на дипломатиите, така и на ниво на премиери.Почна една динамика, а основен елемент беше зрелоста и политичкото лидерство што го покажаа двајцата премиери.
Но, и храброста што ја покажаа за да одат напред кон еден процес за да се реши прашањето кое ги измачува со децении и регионот и односите меѓу двете земји.Во однос на реакциите во Грција за договорот Папатанасиу коментира дека биле очекувани, а тој лично очекувал тие да бидат посилни и поинтензивни, а протестите поголеми.Во пресрет на референдумот кај нас, искусниот новинар од ЕРТ, изразува надеж дека во недела, резултатите ќе бидат позитивни и додава дека доколку предвидениот процес заврши успешно од македонска страна, договорот ќе се ратификува и во грчкиот Парламент.Мојата процена е дека ќе помине, гледајќи ја и волјата на народот, кога бев во Скопје за интервјуто со премиерот, во разговор со граѓаните, она што го констатирав е колку народот сака и добри билатерални односи, но и колку се блиску двата народи и поради Солун и поради тоа што сме соседи. На пример, за премиерот или за било кој друг жител на Струмица, полесно е да стигне до Солун или Халкидики, отколку до Скопје.
Решението ќе ги доближи уште повеќе двата народи, ќе ја намали дистанцата и страстите. – објаснува новинарот и прави споредба со климата на која наишол пред три години кога бил во Скопје за репортажа посветена на бегалскиот проблем. Тогаш, забележал националистичка, непријателска и негативна атмосфера како кон Грција, така и кон неговиот тим.Тој истакнува дека Договорот од Преспа е добар и поради тоа што ќе помогне во подобрување на односите и ќе создаде нова клима на Балканот, ќе биде добро во корист и на двата народи, а „соседите ќе ги почувствуваат придобивките и од решението, но и од претпристапниот и пристапниот процес во Европската унија.Се надевам и посакувам процесот да оди напред и да не постојат пречки, да нема враќање назад, затоа што во случај да не оди напред, мислам дека ќе биде уназадување кое ќе не врати многу назад и во билатералните односи и многу тешко повторно ќе се најде моментумот за да се реши прашањето. – коментира новинарот.