На денешен ден 11 декември 2016 година на 73 годишна возраст, по кратко и тешко боледување почина кралицата на ромската музика Есма Реџепова-Теодосиевска.
Таа беше музички активна 55 години. Учествуваше на врвни музички фестивали и манифестации низ светот. Есма беше вистински музички амбасадор на Македонија во светот.
За време на својата 55-годишна кариера, Есма Реџепова-Теодосиевска има остварено повеќе од 12.000 солистички концерти во Република Македонија и надвор од неа.
Во дискографијата на Есма Реџепова-Теодосиевска се наведени 15 албуми за домашни и странски продуцентски куќи, а оствари соработка и со еминентни музички светски имиња.
Во август годинава порталот Вечер Прес објави и сторија за домот на Ема кој за жал наместо музеј се претвори во сцена од некој хорор филм.
Да беше жива Есма Реџепова- Теодосиевска сега на 8 август ќе наполеше 77 години и ќе си ја запееше својата најомилена песна, нејзината интимна химна “Чекај животе“. Како да знаеше дека прерано ќе замине од овој свет од нејзиниот дом на скопско Кале, кој сега личи на куќите од филмовите на страв и ужас.
-Јас сум во меѓувреме во Охрид, а кога ќе се вратам во Скопје, ќе видам што понатаму ќе се направи во врска со оваа најнова, незнам која по ред, кражбата во куќата на славната Есма. Ова мора да запре. Повторно сум шокирана, изненадена и без зборови од тоа што го видов. Сега и прозорите се покрадени, уништени…. Впрочем, куќата не е ниту моја, таа е според официјален тестамент на Есма (кој сега го оспоруваат) во сопственост на владата на Република Северна Македонија, вели за ВЕЧЕР Зорана Костовска, претседателка на хуманитарното Здружение „Кралицата Есма и Стево Теодосиевски“.
Сликите кои Зорана ни ги прати оставаат многу мачен впечаток. Наместо тоа да биде Дом или Музеј на светската хуманост и спомен место на кое луѓето ќе се сеќаваат на кралицата на песната почитувана од многу претседатели, кралеви, принцези, познати личности…..куќата стана постојана мета на грабежи, за сега од непознати поченители.
Немоќен е и посинокот на Есма, Симеон Атанасов кој израснал во таа некогаш убава куќа, за која го врзуваат спомените и емоциите, за неговите, како што со право вели, мама Есма и тато Стево.
-За што сме работеле, за што сме се бореле, очигледно е дека државата не ја интересира ништо од таа куќа. Трагедија е ова, разочарано вели Симеон.
Прерано замина на оној свет, по кусо боледување, оставајќи зад себе многу вредни скапоцени работи ( дури и фустанот кој нема цена, а кој го добила на подарокот од Индира Ганди), кои сега некои сето тоа го испокрадоа и распродадоа без трошка совест и срам.
„Да може да стане од гроб, да види што се случува со нејзиниот сакан дом, веднаш повторно би посакала да умре“, сложно велат добрите луѓе, но и самиот Симеон кој најдобро ја познаваше Есма.