Денес и утре во работна посета на Република Македонија ќе престојува министерот за надворешни работи на Црна Гора, Срѓан Дармановиќ.
Предвидено е шефот на македонската дипломатија Никола Димитров со црногорскиот колега да одржат тет-а-тет средба, по што ќе следат пленарни разговори меѓу делегациите на Mакедонија и на Црна Гора, на кои се очекува да бидат разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, соработката на регионален и мултилатерален план, како и за евро-атлантските интегративни процеси, соопштија од МНР.
Покрај тоа предвидено е министрите да потпишат Договор меѓу Република Македонија и Црна Гора за уредување на меѓусебните имотно-правни односи, а во текот на утрешниот ден на свечена церемонија Ректорот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, во Битола на Дармановиќ ќе му додели титула Почесен доктор на науки.