Шефот на српската дипломатија и прв вицепремиер Ивица Дачиќ истакна денеска дека изјавата на главниот известувач за приемот на Косово во Советот на Европа, Дора Бакојани, дека заштитата на српското малцинство на Косово ќе биде подобро ако Косово стане членка на Советот на Европа, е скандалозна, врв на лицемерието и, како што рече, „голо оправдувањеза промена на одлуката“.
Дачиќ, кој моментално е во Москва, го изјави ова како одговор на прашање на новинар на Танјуг по средбата со министерот за економски развој на Русија, Максим Рештников, и нагласи дека Бакојани ја променила одлуката иако порано и таа и сите западњаци велеле дека нема да дозволат Косово да влезе во СЕ додека не се исполнат одредени услови.
„Имаше три услови. Првиот беше Дечани, вториот – прашањето за формирање на Заедницата на српските општини и третиот – стопирање на експропријациите во српските општини“, потсети Дачиќ.
Тој додаде дека промената на мислењето следела ненадејно откако премиерот на Приштина, Албин Курти изјавил дека имотот на манастирот Висоски Дечани ќе биде регистриран.