Два руски воени брода пристигнаа во Кина на заеднички поморски вежби

Два руски воени брода пристигнаа денеска во јужното кинеско пристаниште Џангџијанг за да учествуваат во заеднички поморски вежби, соопшти руското Министерство за одбрана.– Дел од бродовите на Пацифичката флота ќе учествува во заедничките поморски вежби „Поморска интеракција 2024“, објави Министерството на Телеграм заедно со видео од церемониите за пречек на руските корвети „Громки“ и „Резки“ во Џангџијанг.Вежбите, кои ќе се одржат од понеделник до среда, предвидуваат заеднички маневри за противвоздушна одбрана, борба против подморници со учество на специјализирани кинески авиони. Кина и Русија се зближија од почетокот на руската офанзива во Украина во 2022 година. Двете земи тврдат дека имаат „безгранично пријателство“, зацементирано со волјата да се намали влијанието на САД и на Западот воопшто врз меѓународните односи.Покрај оперативната димензија, поморските вежби имаат и димензија на стратешко позиционирање, како што се вежбите што оваа недела ги спроведе кинеската армија во Белорусија, на границата на Полска и НАТО, во време кога се одржуваше Самитот на Алијансата во Вашингтон и кога НАТО го заострува својот став кон Пекинг.Русија и Кина редовно го зголемуваат бројот и сложеноста на нивните заеднички воени вежби, но нивното ниво на интероперабилност е значително пониско отколку во НАТО, велат истражувачите од Институтот за безбедносни студии на Европската унија во извештајот објавен на почетокот на јули.

Пронајдете не на следниве мрежи: