Министерството за внатрешни работи поднесен кривична пријава против 12 лица за „злосторничко здружување“, „примање поткуп“ и „злоупотреба на службената положба и овластување“, а во врска со акцијата спроведена во неделата на граничниот премин „Табановце“.
При претресите над лицата, во нивните домови, останати поростории и возила, пронајдени и одземени биле вкупно 16.413 евра во различни апоени, 219.195 денари, 60 швајцарски франци и 375 српски динари. Најголема количина пари биле пронајдени при претресот кај Х.К., односно вкупно 15.885 евра и 30 швајцарски франци.
Во соопштението на МВР се вели:
На 26.12.2022 од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги – Единица за корупција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против 12 лица, и тоа: И.Н.(47), А.А.(41), Н.П.(40), Д.К.(43), В.Ф.(39), Х.К.(29), М.Ј.(28), Ф.К.(23), Ф.И.(36), А.Д.(28), Ј.Н.(38), сите од Куманово и А.С.(24), од Кратово, вработени во Полициска станица за гранични проверки – Табановце при Регионалниот центар за гранични работи Север, поради постоење на основани сомненија дека ги сториле кривичните дела „злосторничко здружување“ по чл. 394, „примање поткуп“ по чл. 357 вв чл. 23, „злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл. 353 и „злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл. 353 вв чл. 23 од Кривичниот законик.
Во рамки на криминалистичкото истражување од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поради сознанија дека на Граничниот премин Табановце од страна на група полициски службеници на организиран начин се вршат инкриминирани дејствија со коруптивни елементи и во координација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, во соработка со Одделот за специјални полициски операции – Единица за брзо распоредување на 25.12.2022 беа извршени претреси во службените простории на на Граничен премин Табановце и во домовите на дел од кривично-пријавените. По спроведената истрага за командирот, заменик командирот и за 10 полициски службеници во Полициска станица за граничен премин Табановце, меѓу кои и раководител на смена, беа обезбедени материјални докази за нивна инволвираност во криминални активности, а при спроведените претреси кај лицата беа пронајдени предмети за кои постојат основани сомненија дека потекнуваат од кривични дела преку примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластувања.
Членовите на оваа организирана криминална група активно дејствувале на Граничниот премин Табановце од септември 2020 година како злосторничко здружување, при што за одредена парична награда, подароци и поволности кои ги добивале од лицата кои ја преминувале државната граница, координирано не преземале службени дејствија кои биле должни да ги преземат, при што се стекнале со голема противправна материјална и имотна корист. Секој член на оваа криминална група имал точно определена улога, при што И.Н., А.А. и Н.П., со умисла ги поттикнувале полициските службеници Д.К., В.Ф., Х.К., А.Д., Ф.К и Ф.И. да вршат кривични дела, овозможувајќи им полесно функционирање, заштита од контроли и проверки и други поволности при работењето, а од коруптивните кривични дејствија добивале соодветен процент од „заработката“ во текот на денот. Кај пријавените А.С., Ј.Н. и М.Ј., пак, при извршените претреси е пронајдена одредена сума на парични средства која не смееле да ја поседуваат додека извршуваат работни задачи во кабината за гранични проверки, при што го сториле кривичното дело „примање поткуп“.
При претресите извршени на 25.12.2022 по Наредба од Судија на претходна постапка, над лица, во нивните домови, останати поростории и возила, пронајдени и одземени биле вкупно 16.413 евра во различни апоени, 219.195 денари, 60 швајцарски франци и 375 српски динари. Најголема количина пари биле пронајдени при претресот кај Х.К., односно вкупно 15.885 евра и 30 швајцарски франци. Исто така, при претресите беа пронајдени и 23 парчиња муниција од 9 милиметри, подароци и други предмети кои ќе бидат користени во кривичната постапка.
По извршените претреси по Наредба од Јавен обвинител од слобода се лишени И.Н., А.А., Н.П., Д.К., Х.К., В.Ф., А.С., М.Ј. и Ј.Н..