Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против 22-годишна жителка на Богданци, која во периодот од 15 јули до 29 септември годинава измамила седум луѓе во Скопје, земајќи им однапред пари за изнајмување стан кој таа воопшто го немала.
Обвинетата ги лажела жртвите дека ќе им го изнајми фиктивниот стан и ги навела однапред да ѝ исплатат во готово одреден паричен износ, како аванс.
„По претходно објавени огласи за изнајмување станови преку социјалната мрежа Фејсбук, секој од оштетените телефонски ja контактирал обвинетата и таа лажно им прикажала дека ќе им изнајми стан, барајќи да ѝ исплатат пари како аванс пред да се вселат. По уплатата, на секој од оштетените им давала на рака клучеви како да се од изнајмените станови на различни локации во Скопје. Меѓутоа, клучевите не одговарале на становите што наводно им ги изнајмувала и во нив живееле други луѓе. На овој начин обвинетата од оштетените прибавила пари во вкупен износ од 74.200 денари“, велат од Обвинитеството.
Поради опасност од бегство, обвинетата е во притвор.