Во цела Србија денеска е Ден на жалост поради несреќата во Нови Сад, во која загинаа 14 лица поради уривање на структурата на железничката станица. Во Нови Сад е тридневна жалост.
Четиринаесет лица загинаа, а тројца се тешко повредени при уривање на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад.
Министерството за информации и телекомуникации ги повика медиумите денеска целосно да го почитуваат прогласениот Ден на жалост и да ги приспособат своите медиумски содржини.
Доброволната крводарителска акција продолжува денеска од седум часот во Заводот за трансфузија на крв во Војводина, како и на повеќе локации во Белград – во Атлетската сала, Заводот за трансфузија, како и во два автобуса за трансфузија во Вождовац во пред стадионот ТЦ и во Нов Белград пред Делта Сити .
Претседателот Александар Вучиќ во своето обраќање до јавноста побара Вишото јавно обвинителство во Нови Сад и Владата на Србија да ги гонат и најстрого да ги казнат одговорните за уривањето на настрешницата.
Конзорциумот на кинеските фирми CRIC-CCCC, пак, соопшти дека бетонската покривка на железничката станица која се урна не е предмет на работи како дел од реконструкцијата на станицата, во согласност со одобрената градежна дозвола.
Свое сочувство до семејствата на жртвите упатија претставници од Србија и регионот, српскиот патријарх Порфириј, како и амбасадорите на ЕУ и други земји.