Шефовите на македонската и грчката дипломатија, Никола Димитров и Јоргос Катругалос, денес ќе остварат средба на маргините на економскиот форум во Делфи. Фокусот на средбата ќе биде ставен на имплементацијата на Договорот од Преспа и на техничките и практични проблеми кои се појавуваат во спроведувањето објави грчката новинска агенција АНА-МПА повикувајќи се на дипломатски извори.
Вчера на економскиот форум Димитров се сретна со заменик помошникот државен секретар на САД за Европа и Азија, Метју Палмер и со амбасадорот на САД во Грција Џефри Пајат. Тие разговарале за билатералните односи меѓу двете земји и за актуелни прашања и предизвици во регионот. Димитров оствари средба и со лидерот на грчката партија “Река“, Ставрос Теодоракис.
– Ако имавме повеќе политичари кои повеќе размислуваат за следните генерации, а помалку за следните избори, светот ќе беше многу подобро место, напиша Димитров на Твитер.