Родена е во Иконија, од родители прочуени, но незнабошци. Како осумнаесетгодишна девојка била верена за некое момче во она време кога апостолот Павле дојде со Варнава во Иконија за проповед на Евангелието. Слушајќи го Павле три дена и три ноќи, Текла се обрати целосно во Христовата вера и се завети да живее во девственост. Мајка ѝ, штом виде дека таа веќе не ни гледа на својот вереник ниту помислува на брак, почна најпрво да ја советува, а потоа да ја тепа и да ја измачува со глад. Најпосле ја предаде на судијата и бараше да биде со оган изгорена. Судијата ја фрли во огнот, но Бог ја зачува неповредена. Тогаш, Текла тргна по светиот апостол Павле и отиде со него во Антиохија. Текла, со благослов на светиот апостол Павле се оддалечи во едно пусто место близу Селевкија. Овде таа се подвизуваше долго и, исцелувајќи болни со чудотворната благодат, мнозина ги обраќаше кон христијанство. Лекарите и жреците во Селевкија се исполнија со завист, па испратија некои млади луѓе за да ја осквернат, надевајќи се дека таа, кога ќе ја изгуби девственоста, ќе ја изгуби и нејзината чудотворна моќ. Текла бегаше од оние дрски момчиња и кога виде дека ќе ја фатат, кога се најде пред една карпа, се помоли на Бога, па карпата се отвори и ја сокри оваа Света девица и Христова невеста. И таа карпа ѝ беше скривалиште и гроб.