Статутот на Алијанса, како што се посочува во дописот, предвидува дека статутарната комисија е таа која ги води постапките на вонредниот конгрес на кој се одлучува за разрешување на претседателот на партијата. Дополнително се наведува дека четворица од вкупно пет члена на ова партиско тело, меѓу кои и претседателот на статутарната комисија, не присуствувале на денешниот конгрес на кој беше разрешен Таравари
Откако приврзаниците на Зијадин Села на денешниот вонреден конгрес на Алијанса за Албанците донесоа одлука за разрешување на Арбен Таравари од лидерската позиција на партијата и за назначување на Села за претседател, со писмена реакција се јави таборот на Таравари.
Во допис до медиумите, за кој се вели дека е испратен од статутарната комисија на Алијанса, се посочува дека денешниот „таканаречен конгрес на групата незадоволни во АА“ е нелегитимен и го крши партискиот статут.
Статутот на Алијанса, како што се посочува во дописот, во членот 51 предвидува дека статутарната комисија е таа која ги води постапките на вонредниот конгрес на кој се одлучува за разрешување на претседателот на партијата. Дополнително се наведува дека четворица од вкупно пет члена на ова партиско тело, меѓу кои и претседателот на статутарната комисија, не присуствувале на денешниот конгрес на кој беше разрешен Таравари.
„Настрана манипулациите и фалсификатите кои му претходеа на овој фарсичен конгрес, ние како легитимни членови на статутарната комисија на партијата го потсетуваме поранешниот претседател на Собранието, г. Зиадин Села, дека Собранието на партијата на 21 јануари 2023 година избра Статутарна комисија во следниов состав: Ардиан Лимани (претседател), Кујтим Незири, Башким Бакиу, Сирија Рашиди и Атнан Незири (членови). Ние, долупотпишаните, Ардиан Лимани, Кујтим Незири, Сирија Рашиди и Башким Бакиу, секако, учествувавме на легитимниот Конгрес на АА одржан на 16 февруари 2024 година под раководство на претседателот Арбен Таравари. Единствениот член којн застана зад групата на незадоволни, е Атнан Незири“,
пишува во дописот на приврзаниците на Таравари кој вечерва е испратен до медиумите.
Се додава дека на денешниот конгрес било кажано оти Тирон Јахјага е претседател на статутарната комисија.
„Единствениот легитимен член на изманипулираната статутарна комисија беше Атнан Незири, кој реши да стане дел од фалсификат. Ова сведочи за уште еден фалсификат, бидејќи само претседателот на партијата може да предложи именување или разрешување на членовите на Статутарната комисија, за што мора да се гласа во партиското Собрание. Ваквите фалсификати ќе имаат правни последици“,
се додава во реакцијата на крилото на Таравари.
Денешниот вонреден конгрес на крилото на Села, на кој Арбен Таравари беше разрешен од претседателската функција, дојде на два дена откако во петокот беше свикан, исто така, вонреден конгрес на партијата, но од страна на Таравари. На конгресот од петокот беа изгласани измени во Статутот со кои се укинува функцијата претседател на Централното собрание која ја извршува Зијадин Села.
И за денешниот и за конгресот во петокот, одделните партиски табори – едниот предводен од Села, едниот од Таравари – соопштија дека заседава четвртиот вонреден конгрес на Алијанса за Албанците. Двата табора тврдат дека одлуките кои беа донесени во петокот, односно денеска, се легитимни и изгласани со мнозинство гласови.