Денеска се „навршуваат“ пет години од незуспешниот референдум кој се одржа на 30 септември 2018 година за промена на името од Република Македонија.
На референдумот од 1.806.336 граѓани во избирачкиот список гласаа 666.743 граѓани, или 36,91 процент од вкупниот број на граѓани запишани во Избирачкиот список.
По овој катастрофален Референдум Државната изборна комисија прогласи дека референдумот е неуспешен бидејќи не гласале повеќе од половината од вкупниот број граѓани запишани во Избирачкиот список.
Референдумот беше прогласен дека не ги исполнува условите да биде прифатен Договорот од Преспа, и да има уставни измени за промена на името, со што потоа во Собранието беше изгласано со двотретинско мнозинство измени во Уставот со што се случи и промена на името во Република Северна Македонија за внатрешна и надворешна употреба.
Сепак Референдумот беше уште показател дека власта предводена од Заев не ја интересира волјата на народот, туку својата волја и пазарот кој го имаше договорено од претходно.
Речиси целиот свет пишуваше за Македонецот кој покажа свест и не учествуваше во промената на сопственото име. Медиумите во своите извештаи и коментари се осврнуваат на ниската излезност наспроти високата поддршка за членството во НАТО и ЕУ, на договорот со Грција но и што понатаму.
Гардијан: Македонија се соочува со криза по нискиот одѕив на референдумот
Противниците на референдумот, чија цел е да го олесни влегувањето на земјата во ЕУ, го поздравија успехот на бојкотот бидејќи гласаа само 35 отсто од гласачите, вели британски Гардијан по вчерашниот референдум во Македонија.
Вашингтон пост пишува дека Македонија вчера се сврте кон политичка криза откако референдумот за договорот што ќе ја отвори вратата за НАТО и ЕУ членството падна поради недостигот од потребен одѕив, зголемувајќи ја можноста земјата да биде блокирана од тие западни клубови во наредните години.
СНН во своите извештаи од Македонија пренесува дека имаше низок одѕив на референдумот за промена на името, во услови на кампања со дезинформации.
– И покрај тоа што властите го поставија прагот на одѕив на 50 отсто, референдумот е консултативен, што значи дека премиерот Зоран Заев може да го активира процесот на уставни амандмани за преименување на Македонија, без оглед на исходот, јавува Си-Ен-Ен.
„Њујорк тајмс“ пишува дека двете страни тврдат оти победиле на гласањето во Македонија за промена на името. Резултатите од референдумот во Македонија во неделата за промена на името на земјата беа строго неубедливи – водејќи ги двете страни да бараат победа.
Германската државна агенција ДПА објавува дека Договорот од Преспа е се уште актуелен и покрај неуспехот од референдумот. Некои го нарекоа нискиот одѕив политички удар за Заев, кој вложи многу политичка тежина на референдумот.
За француската агенција АФП македонските гласачи го поддржаа планот за преименување на земјата со цел да се стави крај на деценискиот спор со Грција и да се отвори патот за членство во НАТО и ЕУ, при што Западот го поздрави резултатот, иако референдумот беше неуспешен поради нискиот одѕив на гласачите.
Политико Европа:
Авторот, Флориан Едер, оценува дека неизлезноста претставува ризик за Договорот со Грција за името и вели дека пораката на оние кои се одлучиле да бојкотираат не е јасна.
„Кој да знае што сакаа да кажат оние кои не излегоа да гласаат. Но, ако Парламентот оцени дека не постигнувањето на цензусот од 50 отсто е покана да се каже ‘не’, тогаш последиците се прилично непосредни: светот ќе продолжи да ѝ се обраќа на земјата со акронимот и таа нема да му се придружи на НАТО наскоро, а не пак да започне преговори со ЕУ. Но ‘ФИРОМјаните’ среќно ќе продолжат да се нарекуваат ‘Македонци’“, пишува Едер во својот коментар.
Референдумот во Македонија најважна вест во грчките медиуми
„Одѕивот е клучот“, , „Референдум за двајца (Заев – Ципрас)“, „ЕУ и САД дадоа сѐ за ’да’“, „Политичката сцена жив песок“. Со вакви натписи грчките медиуми ја анализираа атмосферата на референдумот во Македонија, која беше, впрочем, и најважна вест во грчката јавност.
И медиумите од регионот доста активно го следеа референдумот со оценки во своите наслови дека референдумот не го постигнал потребниот цензус.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.