Во Каиро почнаа преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на дел од заложниците кои Хамас ги зеде при нападот врз Израел на 7 октомври, јавија светските агенции, повикувајќи се на претставник на палестинското исламистичко движење.
Делегацијата на Хамас денеска пристигна во египетската престолнина од Доха, каде е седиштето на политичкото раководство на движењето. Директорот на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) Вилијам Барнс исто така е во Каиро за да се приклучи во преговорите, со кои ќе ги посредуваат Египет и Катар.
Тахер ал-Ноно, советник на политичкиот лидер на Хамас со седиште во Катар, Исмаил Ханија, изјави дека состаноците со посредниците започнале, при што палестинското исламистичко движење ги разгледува нивните предлози „со целосна сериозност и одговорност“. Сепак, тој ги повтори барањата на Хамас израелската армија да се повлече од Појасот Газа и да прекине војната – услови кои Израел веќе ги отфрли.